Сеул ѝ нуди помош на Северна Кореја по обилни поплави

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун во поплавената област во градот Синуи во провинцијата Северен Пјонган на 29 јули 2024 година.

Јужна Кореја на 1 август ѝ понуди помош на Северна Кореја да се опорави од обилните дождови и поплави кои потопија илјадници домови и обработливо земјиште.

Во моментов нема информации дали Северна Кореја ќе ја прифати понудената помош.

Непријателството меѓу двете земји е на највисоко ниво во последните години, поради растечките нуклеарни амбиции на Северна Кореја и одржувањето воени вежби на Сеул со САД и Јапонија за да се спротивстави на заканата.

Министерството во Сеул, кое се занимава со меѓукорејски работи, рече дека Јужна Кореја е подготвена брзо да обезбеди резерви за да се справи со „хуманитарните тешкотии“ со кои се соочуваат жителите на Северна Кореја по неодамнешните бури.

Министерството го повика Црвениот крст од Северна Кореја веднаш да одговори на повиците за разговори, за да може да се договори количината на јужнокорејските залихи и методите на испорака.

Видете и ова: Јапонија, Јужна Кореја и САД со меморандум за одбрана од заканите од Северна Кореја

Северна Кореја се уште не одговорила на таа понуда.

Севернокорејските државни медиуми во средата објавија дека неодамнешните обилни дождови поплавиле 4.100 куќи, 7.410 хектари земјоделски полиња и бројни други објекти во северозападниот град Синуи и соседниот град Уи.

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун во средата побара од властите да ги казнат оние за кои рече дека ги занемариле одговорностите за спречување катастрофи.

Северна Кореја ја прекина речиси целата соработка и дипломатија со Јужна Кореја, откако нејзините нуклеарни разговори со Соединетите држави пропаднаа во 2019 година.

Исто така, во 2022 година ги одби понудите од Јужна Кореја за помош во борбата против ширењето на корона вирусот.

Тензиите меѓу двете земји се влошија од 2022 година, бидејќи севернокорејскиот лидер ја искористи руската војна против Украина за дополнително да го прошири својот нуклеарен арсенал и упати закани до Вашингтон и Сеул.