Во Иран започна погребната церемонија за Исмаил Ханије

Врховниот водач на Иран Али Хамнеи се моли над ковчегот на Исмаил Ханије во Техеран, 1 август 2024

Погребната церемонија на Исмаил Ханије, политичкиот лидер на палестинската екстремистичка група Хамас, поддржана од Иран, која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка организација, започна во Техеран.

Иран соопшти дека Ханије (62) е убиен во Техеран во напад за кој го обвини Израел и предизвика страв од поширок конфликт на Блискиот Исток.

Врховниот водач на Иран, ајатолахот Али Хамнеи ја предводеше погребната молитва, додека луѓето се собраа во центарот на Техеран носејќи портрети на Ханије и палестинското знаме, јавува Радио Фарда на Радио Слободна Европа.

Ханије треба да биде погребан подоцна во главниот град на Катар, Доха.

Хамнеи се закани со „строга казна“ за убиството на Ханије.

Муза Абу Марзук, член на Хамас, исто така вети дека Ханије ќе биде одмазден.

„Убиството на водачот Исмаил Ханије е кукавички чин и нема да остане без одговор“, рече Марзук.

Видете и ова: Убиен политичкиот лидер на Хамас, Исмаил Ханије, Хамнеи ветува одмазда

Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ), кој прв ја објави смртта на Ханије, соопшти дека го истражува нападот во кој загина лидерот на Хамас во Техеран, каде што тој присуствуваше на церемонијата на инаугурација на новиот ирански претседател Масуд Пезешкијан на 30 јули.

Израелската влада допрва треба официјално да коментира, но фотографијата на Ханије со печат на челото на која пишува „Елиминиран“ беше објавена на Фејсбук страницата на владината прес-служба. Во објавата, која подоцна беше избришана без објаснување, конкретно не се тврди дека нападот го извршил Израел, иако се вели дека еден функционер на Хамас е „убиен во прецизен напад во Техеран“.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вети дека ќе го уништи Хамас поради нападот на групата на 7 октомври на израелска територија во кој загинаа 1200 луѓе и зедоа околу 250 заложници. Во последователната десетмесечна офанзива на Израел во Појасот Газа загинаа повеќе од 39000 луѓе, според Палестинската здравствена управа под контрола на Хамас.

Убиството на Ханије предизвика страв од ескалација во регионот, каде тензиите се високи од почетокот на војната во Појасот Газа.