Мадуро побара од Врховниот суд да го потврди резултатот од изборите

Николас Мадуро

Венецуелскиот претседател Николас Мадуро синоќа изјави дека побарал од Врховниот суд да ги потврди резултатите од претседателските избори на кои тој тврди дека победил, а кои опозицијата ги оспорува, а имало и барања од ширум светот за да објават деталните резултати од гласањето.

Американските медиуми пренесуваат дека Мадуро им изјавил на новинарите дека владејачката партија е подготвена да ги објави точните резултати од гласањето, што досега не го направила иако изборите се одржаа викендов.

Француските медиуми ги пренесуваат тврдењата на лидерката на венецуелската опозиција Марија Корина Мачадо дека во протестите поради спорната победа на Мадуро загинале 16 лица.

Мачадо ја осуди „суровата и репресивна ескалација“ на која прибегна владата на Мадуро во Венецуела.

„Го предупредувам светот на суровата и репресивна ескалација на режимот, кој до денес произведе повеќе од 177 произволни притворања, 11 присилни исчезнувања и најмалку 16 убиства во последните 48 часа“, напиша Мачадо на социјалната мрежа X.

Видете и ова: Венецуела треба да докаже дека имало хакерски напад од Северна Македонија врз нејзиниот изборен процес

Според неа, „ова е криминален одговор на Мадуро кон венецуелскиот народ кој излезе на улица како семејство, како заедница, за да ја брани својата суверена одлука да биде слободен“.

„Овие злосторства нема да останат неказнети“, додаде таа.

Мадуро тврди дека победил на изборите, иако неговиот главен противкандидат Едуардо Гонзалес, како и Марија Корина Макардо, го тврдат спротивното - дека Гонзалес освоил две третини од гласовите, пренесуваат американските медиуми.

Опозициските лидери велат дека објавувањето на тие податоци ќе покаже дека Мадуро ги загубил изборите.

Видете и ова: Борел: Официјалните резултати од изборите во Венецуела се делумни и непроверливи

Националниот изборен совет на Венецуела (ЦНЕ) го прогласи Мадуро за победник на изборите со освоени 51,2 отсто од гласовите, пред кандидатот за здружената опозиција Демократска унитарна платформа (ПУД), Едмундо Гонзалез со 44,2 проценти. Но, опозицијата ги отфрла ваквите резултати на ЦНЕ, во кој доминираат луѓе од Обединетата социјалистичка партија на Венецуела (ПСУВ) на Мадуро, обвинувајќи за изборни измами и фалсификати. Според резултатите на ПУД, Гонзалез освоил 67,19 отсто, а Мадуро 30,44 проценти од гласовите.