Во демократски систем резултатите од изборите мора да бидат целосни и независно проверливи за да бидат признати, оцени високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел во изјава по повод случувањата по претседателските избори во Венецуела одржани во неделата.
„Националниот изборен совет на Венецуела (ЦНЕ) досега презентираше изборни резултати што одговараат само на 80 отсто од гласовите, без да обезбеди никаков извор или систем што би овозможил нивна верификација. Со овие делумни и непроверливи резултати, ЦНЕ го прогласи Николас Мадуро за победник на изборите. Дополнително, податоците што опозицијата и ги стави на располагање на јавноста даваат радикално поинаков резултат од оној што го објави ЦНЕ“, наведува Борел.
Видете и ова: Вашингтон „сериозно загрижен“ за изборните резултати во ВенецуелаНагласувајќи дека со „голема загриженост“ ја следи ситуацијата во Венецуела по претседателските избори, Борел потенцира дека венецуелските власти мора да гарантираат транспарентност и интегритет на изборниот процес со независно проверување на официјалните записници од гласањето на избирачките места.
„Европската Унија бара од ЦНЕ да обезбеди итен пристап до евиденцијата за гласање на сите избирачки места. Се додека записниците од гласањето не бидат објавени и потврдени, резултатите од изборите не може да бидат прифатени онака како што се објавени“, порача Борел.
Видете и ова: Венецуела треба да докаже дека имало хакерски напад од Северна Македонија врз нејзиниот изборен процесСпоред Борел, народот на Венецуела со години се соочува со невидена економска, политичка и социјална криза и единствено решение за излез од неа се избори.
Националниот изборен совет на Венецуела (ЦНЕ) го прогласи Мадуро за победник на изборите со освоени 51,2 отсто од гласовите, пред кандидатот за здружената опозиција Демократска унитарна платформа (ПУД), Едмундо Гонзалез со 44,2 проценти. Но, опозицијата ги отфрла ваквите резултати на ЦНЕ, во кој доминираат луѓе од Обединетата социјалистичка партија на Венецуела (ПСУВ) на Мадуро, обвинувајќи за изборни измами и фалсификати. Според резултатите на ПУД, Гонзалез освоил 67,19 отсто, а Мадуро 30,44 проценти од гласовите.
Ваквите состојби доведоа до масовни протести на приврзаниците на опозицијата, во кои според невладината организација Форо Пенал загинале 11 лица, но и до контра-собири на поддржувачите на Мадуро.