Дачиќ најави помош од Србија во гаснењето на пожарите во Северна Македонија

Најкритична е ситуацијата со пожарите во источниот дел на Северна Македонија (фотоархива)

Министерството за внатрешни работи (МВР) на Србија ќе испрати помош за гаснењето на пожарите во источниот дел на Северна Македонија, најави српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ.

Помошта ќе се состои во еден хеликоптер „Агуста Бел 212“ и тим од пет припадници на хеликоптерската единица и еден член на Одделот за вонредни состојби.

Видете и ова: Гори источниот дел на Северна Македонија

Во соопштението на Министерството за внатрешни работи на Србија од 30 јули, се наведува дека барањето за помош било од Центарот за управување со кризи (ЦУК) на Северна Македонија.

„Во акцијата за гаснење на пожарот во Северна Македонија, по добиено одобрение од колеги од таа земја, учествуваат 10 пожарникари-спасувачи со три теренски возила, кои работат во атарот на селото Магленце и спречување на натамошно ширење на пожарот кон територијата на Србија“, изјави Дачиќ, соопшти МВР на Србија.

Српското Министерство ќе упати и два хеликоптери за да помогнат во гаснењето на пожарот што од Северна Македонија се прошири до местото Козјак кај Бујановац, на југот на Србија, во близина на манастирот Прохор Пчињски.

Србија, исто така, и во средината на јули обезбеди помош на македонските служби во гаснењето на пожарот што тогаш беснееше на планината Серта.

Видете и ова: Српскиот тим, кој гасеше пожари во Северна Македонија, се врати дома

Според последните податоци на ЦУК, денеска (30 јули) во Северна Македонија се регистрирани рекордни 54 пожари.

Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, претходно во текот на денот соопшти и дека повторно е активиран ЕУ механизмот за заштита и спасување и побарана е помош во воздухоплови.

Пожарите досега однесоа еден живот, а материјалната штета ќе се утврдува дополнително.