Пезешкијан положи заклетва како претседател на Иран, САД објавија санкции за Техеран

Масуд Пезешкијан

Масуд Пезешкијан денеска (30 јули) во иранскиот парламент положи заклетва како нов претседател на Иран, откако победи на предвремените претседателски избори претходно овој месец. Тој наследува економија загрозена од лошото управување и санкциите, како и општество кое покажа дека може да излезе на улица за да се бори за основните слободи.

„Јас како претседател, пред Светиот Куран и народот на Иран, се колнам во семоќниот Бог дека ќе бидам чувар на официјалната религија и исламскиот републички систем и Уставот на земјата“, рече Пезешкијан на церемонијата што се емитуваше во живо на државната телевизија.

Пезешкијан, кој важи за умерен реформист, е 69-годишен поранешен кардиохирург. Тој го победи ултраконзервативниот Саид Џалили во вториот круг од изборите на 5 јули освојувајќи речиси 54 отсто од гласовите. Изборите беа распишани по загинувањето на претходниот претседател Ебрахим Раиси во хеликоптерска несреќа во мај.

Видете и ова: Пезешкијан ќе положи заклетва како нов претседател на Иран

Истиот ден кога новиот ирански претседател положи заклетва, САД објавија нови санкции за Техеран.

Американското Министерство за финансии објави санкции за поединци и субјекти кои помогнале во развојот и набавката на иранските балистички ракети преку Министерството за одбрана.

Петте поединци и седумте ентитети, кои се најдоа на листата, се со седиште во Иран, Кина и Хонгконг.

Канцеларијата за контрола на странски средства на американското Министерството за финансии во соопштението наведе дека санкционираните набавувале „различни компоненти, вклучително и акцелерометри и жироскопи, кои служат како клучни влезови во програмата на иранските балистички ракети и беспилотни летала (UAV)“.

Видете и ова: Иран негира вмешаност во заговор за атентат на Трамп

„Непромисленото ширење на балистичките ракети и беспилотните летала од Иран ризикува понатамошна нестабилност и ги загрозува животите на цивилите“, изјави потсекретарот за тероризам и финансиско разузнавање во Министерството за финансии, Брајан Нелсон.

Тој порача дека САД ќе продолжат да наметнуваат санкции за оние што ја олеснуваат способноста на Иран да го произведува ова смртоносно оружје.