Шпанскиот премиер одби да сведочи во случајот против неговата сопруга за наводна корупција

Педро Санчез

Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска (30 јули) одби да одговори на прашањата на судијата во Мадрид кој ја истражува неговата сопруга за можна корупција и трговија со влијание.

Судијата Хуан Карлос Пеинадо дојде во владината палата во Монклоа, на северот од градот, за да го испраша Санчез како сведок.

„Судијата му постави две прашања. Дали е поврзан со лицата под истрага и дали сака да сведочи“, изјави адвокатот на сопругата на Санчез.

„Санчез одговори дека Бегона Гомез е негова сопруга и дека не сака да сведочи“, додаде тој.

Со ова премиерот го искористи своето право да не одговара на прашања за истрагата започната во април против Бегона Гомез. На почетокот на овој месец, таа како осомничена исто така одби да одговори на прашањата на истиот судија.

Нејзин адвокат е Антонио Камачо, поранешен министер за внатрешни работи во социјалистичката шпанска влада.

Видете и ова: Социјалистичката партија на Санчез и екстремната левица постигнаа договор за формирање влада

Оваа постапка е дел од прелиминарната истрага за тоа дали Бегона Гомез ја искористила својата позиција како сопруга на премиерот за да обезбеди спонзори за магистерските студии што ги водеше таа.

Претходно, Санчез ги отфрли обвинувањата против неговата сопруга, велејќи дека тие се неосновани и оркестрирани од десничарските политички непријатели.

Денеска државното правобранителство во негово име поднесе и тужба за наводна злоупотреба од страна на истражниот судија.

„Оваа тужба има за цел да се почитува независноста на судството, но и да го одбрани од практиките на оние кои дејствуваат од политички мотиви и надвор од законот“, изјави владината портпаролка Пилар Алегрија.

Мала група демонстранти, пак, се собраа пред палатата Ла Монклоа извикувајќи слогани против Санчез и неговата Социјалистичка партија.

Ова е првпат актуелен шпански премиер да биде повикан да сведочи пред суд откако неговиот претходник, Маријано Рахој, беше повикан како сведок во 2017 година во случај за поткуп што доведе до осуда на неколку членови на неговата конзервативна Народна партија. Тој случај доведе и до изгласување недоверба на владата во 2018 со што се отвори патот за Санчез да стане премиер.