Турција усвои закон за отстранување на бездомните кучиња од улиците

Куче седи со демонстранти за време на протест против законот на турските власти, 27 јули 2024 г.

Пратениците во Турција денеска (31 јули) усвоија нов закон за отстранување на милиони бездомни кучиња од улиците во земјата.

Љубителите на животните стравуваат дека овој потег ќе доведе до убивање или запоставување на повеќе кучиња во преполните стационари.

Пратениците кои се спротивставија на законот, за време на парламентарната расправа, носеа бели ракавици извалкани со лажна крв.

„Ќе го оспориме овој закон пред Уставниот суд што е можно поскоро. Тој го нарушува правото на живот на животните“, рече Озгур Озел, лидер на главната опозициска Републиканска народна партија (ЦХП).

Видете и ова: Што да се прави со 11 илјади улични кучиња?

Во меѓувреме, илјадници демонстранти протестираа низ турските градови, повикувајќи на борба против законот кој дозволува евтаназијата да се користи за некои бездомни животни.

Опозициските пратеници и групите за заштита на животните оваа нова регулатива ја нарекоа „закон за колење“.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, пак, смета дека новиот закон е неопходен за да се справи со „проблемот со кучињата скитници“ во земјата.

Официјални лица проценуваат дека во Турција има околу четири милиони бездомни кучиња.

Иако повеќето од нив се безопасни, евидентирано е дека некои се движат во глутници и напаѓаат луѓе.