Во акција на Интерпол уапсени 206 лица, запленета дрога вредна 1,6 милијарди долари

илустрација

Повеќе од 200 лица се уапсени во операцијата на Интерпол против шверц со дрога низ Европа, Северна Америка и Африка, а запленети се дроги и хемикалии за нивно производство во вредност од 1,6 милијарди долари, објави во вторник(30 јули) меѓународната полициска организација.

Операцијата „Lionfish Hurricane" во април и мај доведе до запленување на 615 тони дрога и хемикалии, соопшти полициската организација со седиште во Лион, Франција.

Покрај тоа, операцијата доведе до апсење на 206 лица и запленување на 65 украдени автомобили, околу 30 000 детонатори и „нарко-подморници“ кои се користеле за транспорт на кокаин преку јужноамериканските водни патишта и преку Атлантикот, соопшти Интерпол.

„Вредноста на дрогата запленета во оваа двомесечна операција е поголема од Бруто домашниот производ на некои земји, што јасно го покажува обемот на проблемите со кои се соочуваат органите на прогонот“, изјави Јирген Сток, шеф на организацијата, која има 196 земји-членки.

Видете и ова: Повеќе лица уапсени во Србија и Чешка под сомнение дека се дел од криминална група

Статистиката на Светска банка покажува дека помалку од 20 од најмалите земји во светот имаат економско производство помало од 1,6 милијарди долари.

Интерпол објави дека се запленети рекордни 505 тони хемикалии за производство на дрога и експлозиви.

Операцијата, дел од операцијата Lionfish од 2013 година, беше финансирана од британското Министерство за внатрешни работи и вклучи 31 земја покрај други меѓународни организации.