Продолжува амандманската расправа за ребаланс на буџетот

илустрација

Во Собранието на Република Северна Македонија денеска (30 јули) седници ќе одржат Комисијата за финансирање и буџет и Законодавно правната комисија.

На седницата на Комисијата за финансирање и буџет втор ден продолжува амандманската расправа за ребалансот на Буџетот.

Вчера, на првиот ден од амадманската расправа не беше прифатен амандманот поднесен од СДСМ со кој се бараше да се обезбедат 200 милиони евра за зголемување на платите и надоместоците согласно обврските од законската регулатива и потпишаните колективни договори.

На Предлог ребалансот на Буџетот поднесени се вкупно 58 амадмани, а расправата трае шест дена.

Видете и ова: Власта и опозицијата со остра дебата за ребалансот на буџетот

На седницата на Законодавно правна комисија пратениците ќе расправаат по Предлог измените на Законот за здравствената заштита, во второ читање.

Со ребалансот државата годинава планира да потроши 5,89 милијарди евра, или 300 милиони евра повеќе од постојниот буџет. Дефицитот се зголемува на 720 милиони евра од постојните 585 милиони.

Видете и ова: Ребаланс на Буџетот – спас од клиничка смрт или барање алиби

Зголемени се и приходите за дополнителни 130 милиони евра и сето ова при надолна ревизија на економскиот раст за годинава, од 3,4 на 2,1 отсто од бруто домашниот производ. Се обезбедуваат пари за повисоки пензии, за исплата на плати, тековни трошоци и инвестиции.

Според Владините проценки, инфлацијата годинава треба да достигне 3,5%. Ребалансот на буџетот се очекува да биде усвоен во првата недела од август.