МАНУ: Секаде постои само една национална академија која ја претставува државата

Зградата на МАНУ во Скопје

Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) тврди дека за политичките партии и нивните влијанија никогаш немало место во неа. Во соопштение кое попладнево го потпиша Претседателството на МАНУ како реакција на најавата, како што наведува, „од некои политички партии за основање академија на етничките Албанци во Македонија“ се вели дека отсекогаш била отворена за сите граѓани кои ги исполнуваат високите научни и уметнички критериуми за членство во неа, независно од етничката, верската и каква било друга припадност.

Во него се нагласува дека, како и во земјите од регионот и насекаде во светот, постои само една национална академија која ја претставува државата во европската и во други меѓународни асоцијации на академии.

Викендов, коалицијата „Вреди“ ја промовираше идејата за формирање на Албанска академија на науките и уметности, а нивниот план е да обезбедат општинско финансирање, кое треба да биде привремено. Подоцна откако би се донел закон велат дека ќе разговараат со цел да се донесе соодветно решение.

Во реакцијата МАНУ апелира да не се вовлекува во дневнополитички расправи и партиски дискусии кои ја оптоваруваат редовната дејност на Академијата, а спаѓаат во доменот на Законодавниот дом и државните институции.

Видете и ова: Таравари: Сите идеи за уметноста и науката се добри

„Од нејзиното основање до денес, во Академијата членови биле припадници на македонскиот народ, но исто така и на сите етнички заедници. Меѓу другите, во последната декада во составот на МАНУ имаше четири члена од албанска етничка припадност (од коишто во трите последователни раководства еден беше научен секретар, а двајца потпретстедатели на Академијата, од кои еден е во актуелното раководство), како и три члена надвор од работниот состав, соопшти Претседателството на МАНУ.

Коалициониот партнер на Вреди, ВМРО-ДПМНЕ, не се согласува со идејата и велат дека тоа е единствената институција која ја обединува македонската научна мисла и во нејзиниот состав има различни етнички заедници. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека како критериум во Академија не може да биде етничка или политичка припадност, туку достигнувањата во науката. И опозициската СДСМ излезе со став дека е против создавање на паралелна институција на МАНУ.

Од ДУИ, пак велат дека тоа е квази општинска „академија“ која ги срами интелектуалците и нацијата.