Младиот Леонид транспортиран во Скопје од Виена

илустрација

Младиот Леонид Индов бил транспортиран со хеликоптер од Виена во Скопје, информираат Министерството за внатрешни работи и Центарот за управување со кризи.

Леонид Индов минатото лето доживеа тешка несреќа на летување во Грција, при што повреди повеќе ’рбетни пршлени. Дише на респиратор и не може да ги движи екстремитетите.

Леонид беше на лекување во Виена, Австрија и за него на 10 јули 2024 година неговиот татко упати барање до ЦУК за воздухопловен транспорт. Според МВР, хеликоптерот за воздухопловни единици на МВР бил опремен со медицинска опрема, а во него бил и медицински тим од ГОБ „8 Септември“.

Ова, нагласува ЦУК, е прв ваков воздухопловен транспорт во нашата држава, на лице заболено од параплегија.

Видете и ова: Ниту една од 11 институции за рехабилитација не е соодветна за Леонид

Во хеликоптерот на МВР се става специфична медицинска опрема согласно можностите, а и медицински персонал, за транспорт на болни и повредени. Во координација помеѓу Министерството за внатрешни работи и Министерството за здравство на барањето беше позитивно одговорено и вчера се изврши реализација на транспортот со хеликоптер опремен со соодветни медицинска опрема и персонал, од Виена, Австрија до Скопје.

Транспортот со хеликоптер се реализира согласно Договорот за соработка и транспорт на болни лица помеѓу Министерството за внатрешни работи и Министерството за здравство на 6 февруари 2024 година од Скопје за транспорт на Леонид до Клиниката во Виена, Австрија на лекување.