ДУИ сама си ги пишува заканите и сама ги пријавува во МВР, рече денеска првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити.
Според него, не е точно дека Елјеса Незири, предложен за директор на Државниот завод за индустриска сопственост, има кривична пријава за насилство.
-На ДУИ никој не им се закануваше додека беа власт, така што нема никаква логика некој да им се заканува сега, кога се опозиција. Имаат проблем со сами себе. Според мои потврдени информации, сами ги пишуваат заканите и сами ги пријавуваат во МВР. Во делот на заканите, ни ние, ни тие не треба да се плашат за своите челници, а во делот на прекршувањето на законите и одговорноста, тоа е друго прашање, истакна Меџити.
Видете и ова: Заканувачки пораки за неколку пратеници по е-маилНегова оценка е дека треба да се внимава многу какви информации се пласираат во јавноста.
Претседателот на Собранието Африм Гаши вчера информира дека пратениците на ДУИ добиле електронски пораки со закани од непознат испраќач и апелира надлежните институции да го истражат инцидентот. МВР, пак, во петокот, информира дека на 25 јули во 13:58 часот во полициската станица „Центар“, претставник на една политичка партија пријавил дека на 23 јули 2024 година во 18:15 часот, од непозната електронска адреса, на службените електронски адреси на неколку пратеници во Собранието била испратена порака со заканувачка содржина.