„Борбата трае“ е слоганот под кој ќе се слави денот на Републиката

Мечкин Камен во Крушево.

Подготвена е агендата по повод прославата на 2 Август – Денот на Републиката. Годинава празникот ќе биде одбележан со слоганот „Борбата трае“. Предвидено е централната манифестација, како и секоја година, да се одржи на 2 Август во Крушево, на месноста Гумење, на Мечкин Камен а обраќање ќе има претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска Давкова веќе најави дека ќе го посети манастирот Свети Прохор Пчињски заедно со нејзиниот колега претседателот на Србија.

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши ќе положи цвеќе пред споменикот на претседателот на президиумот на АСНОМ, Методија Андонов Ченто на плоштадот „Македонија“ и ќе има свое обраќање на манифестацијата по овој повод која ќе се одржи пред зградата на Собранието.

Видете и ова: Сиљановска и Вучиќ договорија заедничка посета на манастирот Св.Прохор Пчински на Илинден

„Со слоганот „Борбата трае“ сакаме да ја пренесеме пораката дека стремежот за напредок, слобода и благосостојба на нашата држава продолжува, потпирајќи се на историските основи и борбата на нашите предци, се наведува во соопштението од владината прес-служба.

Оваа година се одбележуваат 121 година од Илинденското востание и 80 години од одржувањето на Првото заседание на АСНОМ.

Заседанието усвоило неколку документи со државотворно значење, меѓу кои и Решението за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава и Декларацијата за основните права на човекот и граѓанинот на демократска Македонија.