Пукано во патрола на српската војска во мировна мисија во Либан, нема повредени

Илустрација

Министерството за одбрана на Србија соопшти дека при извршување на редовните задачи во мировната операција УНИФИЛ во Либан, бил отворен оган врз патрола од контингентот на вооружените сили на Србија.

„Возилото на српската армија било погодено со неколку куршуми, а оклопот на возилото ги заштитил војниците“, се наведува.

Во соопштението се додава дека никој од ангажираните членови на патролата не е повреден и дека сите припадници на контингентот се безбедни.

Видете и ова: МНР повика државјаните на Северна Македонија да го напуштат Либан

Министерството соопшти дека патролата на српската армија ја извршила својата задача во согласност со процедурите и правилата за ангажирање во оваа мултинационална операција.

„По прекинот на огнот и пристигнувањето на тимот за брз одговор, патролата се врати во базата на Обединетите нации“, се додава.

Припадниците на српските вооружени сили учествуваат во мировната операција на Обединетите нации во Либан. Тие почнаа да учествуваат во оваа мировна операција во декември 2010 година.