Во Црна Гора e уапсена руска државјанка, која во Италија имала статус на бегалец

Илустрација - возило на полицијата на Црна Гора

Државјанка на Русија со украинско потекло, која во Италија имала статус на бегалец, е упасена во Црна Гора пред три дена по потерница од Москва, соопшти невладината организација Акција за човекови права (ХРА).

Руската државјанка Инги Пелињагри сега е во екстрадиционен притвор.

ХРА соопшти дека Пелињагри добил статус на политички бегалец во Италија поради искажување јавни ставови и политички мислења против режимот во Русија.

„Италијанските власти утврдија дека таа ќе биде изложена на политички прогон во Русија поради тие ставови, кои би го загрозиле нејзиниот живот или слобода“, соопштија од невладината организација.

Тие велат дека Пелињагра е заштитена со меѓународни акти, според кои на Црна Гора ѝ се забранува да ја протера или насилно да ја враќа на границите на територијата на која би ѝ бил загрозен животот или слободата.

Видете и ова: Русија ја додаде Јулија Навалнаја на листата на терористи и екстремисти


Од Акција за човекови права предупредија дека со екстрадиција на Пелињагри во Русија, Црна Гора ќе ги прекрши меѓународните обврски, како и нејзините човекови права.

Адвокатот Далибор Томовиќ денеска поднесе жалба до Вишиот суд во Подгорица против екстрадицискиот притвор.

Како што изјави тој за Радио Слободна Европа, Пелињагри има официјална документација од Италија за статусот на бегалец и со тоа ги има сите права кои произлегуваат од тој статус.

„Тука сме да го тестираме владеењето на правото во Црна Гора“, рече Томовиќ.

Од Министерството за правда и судовите кои одлучуваат за екстрадиција засега не го коментираат случајот.

Во последните години Русија постојано беше обвинета за злоупотреба на црвените налози на Интерпол за апсење на политички противници.

Во извештајот објавен во 2022 година од Фондацијата Херитиџ се наведува дека „Русија е јасен пример за земја што го злоупотребува Интерпол“ и дека ова е дел од кампањата на рускиот претседател Владимир Путин против Западот и против оние кои го критикуваат неговиот режим.