Рускиот претседател Владимир Путин се сретна со сирискиот претседател Башар ал Асад во Кремљ, соопшти во четврток (25 јули) прес-службата на рускиот претседател.
„Многу ме интересира вашето мислење за ситуацијата во регионот во целина. За жал, постои тенденција на ескалација. Тоа го гледаме. Тоа директно се однесува и на Сирија“, му рекол Путин на Асад, според соопштението од Кремљ.
Кремљ објави дека средбата меѓу Путин и Асад се одржала во средата.
„Со оглед на сите настани што се случуваат денес во светот и во евроазискиот регион, нашата средба се чини многу важна за да разговараме за сите детали од развојот на овие настани, да разговараме за перспективите и можните сценарија“, му рекол Асад на рускиот шеф на држава.
Ова е прва средба на двајцата лидери од март минатата година и се одржа во време кога турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја спомена можноста за средба меѓу тројцата лидери и обидот за нормализирање на односите меѓу Анкара и Дамаск.
„Ќе ја испратиме нашата покана до Асад и со тоа сакаме да ги вратиме турско-сириските односи на исто ниво како досега. Нашата покана може да биде испратена во секое време“, нагласи Ердоган.
Видете и ова:
Ердоган го повика Асад да ги обноват турско-сириските односиТурција ги прекина односите со Сирија во 2011 година по избувнувањето на војната во која ги поддржа бунтовничките сили кои сакаат да го соборат Асад.
Анкара изврши неколку прекугранични воени операции против милитантите за кои вели дека ја загрозуваат нејзината национална безбедност и формираше „безбедна зона“ во северна Сирија, каде што сега се стационирани турските сили, потсетува Ројтерс.
Сириските власти постојано изјавуваа дека може да се воспостави секаков вид нормализација на односите откако Турција ќе се согласи да повлече илјадници војници од северозападна Сирија.