Нетанјаху: По војната, Газа треба да ја водат Палестинци кои не сакаат уништување на Израел

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за врене на обраќањето во американскиот Конгрес, 24 јули 2024 г.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во говор во средата пред американскиот Конгрес рече дека Израел нема намера да го насели Појасот Газа и оти по војната со милитантите на Хамас, територијата треба да биде управувана од Палестинци кои не сакаат да ја уништат неговата земја.

Говорејќи на заедничката седница на двата дома на Конгресот, Нетанјаху рече дека е подготвен да води војна против Хамас, кој е прогласен за терористичка организација од страна на САД и ЕУ, додека не постигне „целосна победа“.

„Израел ќе се бори додека не ги уништи воените капацитети на Хамас“, рече израелскиот премиер.

Видете и ова: Нетанјаху во Вашингтон среде турбулентната претседателска кампања

Тој рече дека во догледна иднина ќе биде неопходно Израел да ја задржи безбедносната контрола над Појасот Газа и повика на „демилитаризација и дерадикализација“ на оваа палестинска територија.

„По нашата победа, со помош на регионалните партнери, демилитаризацијата и дерадикализацијата на Газа може да доведат до иднина на безбедност, просперитет и мир. Тоа е мојата визија за Газа“, изјави Нетанјаху пред американските пратеници.

Тој рече дека по војната „Газа треба да има цивилна администрација предводена од Палестинци кои не сакаат да го уништат Израел“.

„Тоа не е премногу да се бара“, додаде Нетанјаху.

Пред говорот на Нетанјаху, стотици демонстранти се собраа пред зградата на Конгресот осудувајќи ја израелската војна во Газа и израелскиот премиер.

Повеќе од 50 демократи беа отсутни од Конгресот, откако јавно објавија дека нема да присуствуваат на говорот на Нетанјаху во знак на протест поради начинот на кој тој ја води војната.

На крајот од обраќањето, Нетанјаху рече дека дошол да им се заблагодари на САД.

„Во име на народот на Израел, дојдов овде да ви се заблагодарам, Америка“, рече Нетанјаху.

Демократите потоа ја напуштија просторијата додека републиканците ентузијастички му аплаудираа на израелскиот премиер.

Видете и ова: Бример: Не очекувам промена на надворешната политика под водство на Харис

За време на својот говор, Нетанјаху го пофали поранешниот претседател и републикански кандидат Доналд Трамп за неговата поддршка за Израел, а исто така му се заблагодари на претседателот Џо Бајден за неговите напори да ги ослободи заложниците кои ги држи Хамас.

„Сакам да му се заблагодарам на претседателот Трамп за сето она што го направи за Израел. Од признавање на суверенитетот на Израел над Голанската висорамнина до соочување со иранската агресија и до признавање на Ерусалим како наш главен град и преместување на американската амбасада таму“, рече Нетанјаху пред американските пратеници, мислејќи на чекорите што Трамп ги презеде додека беше на функцијата.

„Во име на заложниците, сакам да му се заблагодарам на претседателот Бајден за неговите неуморни напори“, рече тој за луѓето кои ги зароби од Хамас за време на шокантниот напад на милитантите во октомври 2023 година.

Со нападот на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври, во кој, според израелските податоци, беа убиени околу 1.200 луѓе, а околу 250 киднапирани, започна разорната војна во Појасот Газа. Во последователните израелски воени операции, според здравствените власти во Газа под контрола на Хамас, загинале повеќе од 39.000 луѓе.