Кулеба: Москва не е подготвена за мировни разговори „со добра волја“

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба

Украина останува подготвена за разговори со Русија под услов Москва да докаже дека има „добра волја“ за преговори, но Киев допрва треба да види таква наклонетост од Кремљ, повтори министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба на 24 јули за време на разговорите со неговиот кинески колега Ванг Ји.

На покана на Ванг, Кулеба е во тридневна посета на Кина, негова прва по целосната инвазија на Русија во 2022 година, на која се водат разговори за можната улога на Кина во завршувањето на војната.

„Убеден сум дека праведниот мир во Украина е во стратешките интереси на Кина, а улогата на Кина како глобална сила за мир е важна“, рекол Кулеба, според соопштението на украинското Министерство за надворешни работи, во воведниот говор на средбата со Ванг во Гуангжу.

„Кулеба го презентираше конзистентниот став на Украина, а тоа е нејзината подготвеност да води преговори со руската страна во одредена фаза, кога Русија ќе биде подготвена да води преговори со „добра волја“, но нагласи дека моментално не е забележана таква подготвеност од руска страна“, се додава во соопштението.

Патувањето на Кулеба беше изненадување за некои аналитичари, со оглед на блиските односи на Пекинг со Москва и дипломатските маневрирања поради кои често кинеските дипломати се држат на дистанца од високите украински претставници.

Украина минатиот месец одржа меѓународен самит во Швајцарија, но без руски претставници, за да ја промовира својата визија за мир. На собирот домаќини беа делегации од 100 земји, а Вашингтон го претставуваше потпретседателката на САД, Камала Харис.

Видете и ова: Украинскиот министер за надворешни работи го посети Пекинг за прв пат од почетокот на војната

Кина, која не присуствуваше на швајцарскиот самит, објави посебен мировен план од шест точки со Бразил, кој бараше да се одржи посебна меѓународна мировна конференција на која ќе има претставници и од Киев и од Москва.

Кулеба, кој наводно рекол дека Украина „внимателно го проучила“ кинескиот план, исто така го информирал Ванг „за резултатите од мировниот самит во Швајцарија и ја објаснил логиката на понатамошни чекори во спроведувањето на мировната формула како начин за праведен крај на руската агресија“, се вели во соопштението.

Во објавата на Инстаграм пред посетата, Кулеба рече дека мора да се избегнат конкурентни мировни планови.

„Многу е важно Киев и Пекинг да спроведат директен дијалог и да разменуваат позиции“, напиша Кулеба.

Ванг, пак, му рекол на својот украински колега дека Пекинг верува дека сите конфликти треба да се решаваат „на преговарачка маса“, се додава во соопштението на кинеското Министерство за надворешни работи. Тој додаде дека неодамна и Украина и Русија испратиле сигнали дека се подготвени да преговараат „во различен степен“.

„Иако условите и времето сè уште не се зрели, ние ги поддржуваме сите напори кои придонесуваат за мир и сме подготвени да продолжиме да играме конструктивна улога во прекинот на огнот и продолжувањето на мировните преговори“, вели Ванг во изјавата.

Видете и ова: Кина нема да присуствува на мировната конференција за Украина

Поканата на Кина до Кулеба дојде откако украинскиот претседател Володимир Зеленски го критикуваше Пекинг, велејќи дека напорите на Кина ги поткопуваат швајцарските мировни преговори со притисокот на некои земји да не присуствуваат, а други да не го потпишат последното заедничко соопштение.

Кина тврди дека нејзините односи со Русија се изградени врз основа на несојузништво и не се насочени кон трета страна.

И покрај изразувањето неутралност кон војната во Украина, Кина се појави како водечки меѓународен поддржувач на Кремљ преку снабдување на Русија со клучните компоненти за нејзиното производство на оружје и како витален потрошувач на нафта и гас што помогна да се зајакне руската економија.

Западните влади, исто така, ја обвинија Кина дека и дава клучна поддршка на Русија за време на војната, при што генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, неодамна истакна дека помошта на Пекинг за Москва ја направила „одлучувачки поттикнувач“ на војната.