Во моментот во земјава се активни седум пожари, но засега ресурсите за гаснење се доволни и не е потребна помош од странство, изјави денеска (24 јули) директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.
„Вчера, имавме вкупно 27 пожари на отворено и шумски пожари. Од нив, утрово, за жал, се активни 7 пожари. Изгаснати се 16, а под целосна контрола се ставени 4 од нив“, изјави Ангелов.
Во овој момент, како што вели Ангелов, најактивен, најсериозен пожар и најтежок за гаснење е тој во Македонски Брод, кој се движи во близина на Јасен, односно кон селото Брезница. Овде е упатен еден полициски хеликоптер, а набргу треба да пристигнат и двата „ер трактора“.
На планината Серта најголемиот дел од она што е изгорено, повеќе од 90 проценти, е трева, грмушки, нискостеблести растенија и во мал процент борова зимзелена шума.
Ангелов ја потенцираше потребата од длабока реформа на системот за управување со кризи. Според него, во ЦУК и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) во моментот има превработеност на одредени позиции, а нема луѓе таму каде што се потребни.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Пензионираниот пилот кој гаси пожари: Ние сме „инфузија“, но потребни се нови пилоти
Претходно Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи одржа состанок на кој донел одлука да и препорача на Владата итно да донесе одлука за реорганизација на целокупниот систем за соодветно да се справи со секоја криза која би настанала во земјава.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски кој го водеше состанокот изјави дека исто така се размислува во насока на создавање на едно тело, односно спојување на ЦУК и ДЗС под една команда, како и формирање на специјална единица.
Од страна на МВР, оформена е оперативна акција „Пожар 2024“, во која што се вклучени сите Сектори за внатрешни работи во земјава, бидејќи, како што рече Тошковски, најголем дел од пожарите биле предизвикани од човечки фактор.
Досега има двајца осомничени за два конкретни кривично-правни настани за кои биле преземени соодветни процесни чекори од аспект на утврдување на вистината и натамошно процесиуирање до надлежни органи.