Различни палестински фракции, вклучувајќи ги Хамас и Фатах, се согласија да ги прекинат поделбите и да го зајакнат националното единство со потпишување на Пекиншката декларација, објавија денеска (23 јули) кинеските државни медиуми.
Претставници на 14 палестински фракции, вклучувајќи ги Хамас и Фатах, неделава се собраа во Пекинг во нов обид за помирување.
Членот на палестинското политичко биро на Хамас, Муса Абу Марзук, по состанокот објави дека неговото движење потпишало договор со другите палестински фракции, вклучувајќи го и ривалот Фатах.
„Денеска потпишуваме договор за национално единство и изјавуваме дека националното единство е патот што треба да се следи за да се заврши тој процес. Се обврзуваме да го поддржиме националното единство, рече Абу Марзук.
Видете и ова: Нетанјаху во Вашингтон среде турбулентната претседателска кампањаКинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји го поздрави потпишувањето на договорот од страна на 14 палестински фракции, кој предвидува формирање на преодна влада на национално помирување во Појасот Газа по војната.
„Најистакнатиот дел од договорот предвидува формирање на преодна влада на национално помирување по војната во Газа“, рече Ванг откако палестинските фракции потпишаа заедничка декларација.
Фатах, основан од историскиот лидер на Палестинците Јасер Арафат и ривалот на Фатах, Хамас, кој води војна во Појасот Газа против Израел, се во несогласување откако Хамас (која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка организација) ја протера палестинската управа од Појасот Газа во јуни 2007 година по повеќе од една година политичка криза и насилство по парламентарните избори.
Видете и ова: Израел ја бомбардира Газа откако САД соопштија дека бројот на цивилните жртви се “неприфатливо високи“Меѓутоа, израелската војна во Појасот Газа против Хамас повторно ги поттикна повиците за преговори меѓу двете палестински фракции. Кинеската дипломатија оцени дека може да поттикне внатрепалестинско помирување.
Војната во Газа започна откако Хамас го нападна јужниот дел на Израел на 7 октомври, убивајќи околу 1200 луѓе и зеде 250 заложници.
По масакрот на Хамас, главно на цивили, Израел започна офанзива против Газа. Најмалку 39 006 луѓе загинаа во борбите, според Министерството за здравство на Газа под контрола на Хамас. На таа палестинска територија живеат околу 2,3 милиони луѓе.