Собранието ќе ги избира замениците-министри

Собраниска седница, илустрација

Собранието, денеска (23 јули) ќе ја одржи 11-тата седница, на која треба да бидат изгласани заменик-министрите во Владата за комплетирање на владиниот тим.

Седницата е закажана за 11 часот, а на дневен ред е и предлог-законот за изменување на Законот за здравствената заштита во прво читање, со кои се укинуваат економските директори во јавните здравствени установи и болниците и верификацијата на мандат на пратеник во Собранието.

Претседателот на Владата предлогот за заменик-министри го достави до Собрание минатата недела.

За заменик министер во Министерството за одбрана се предлага Елфет Исмаили, во МВР, Астрит Исеини. За заменик министер во Министерството за правда се предлага Ален Деребан, а за заменик министер во Министерството за односи со заедници се предлага Неждeт Мустафа.

Видете и ова: Именувани в.д. директори на повеќе државни институции, предложени имињата на замениците министри

Зоран Димитровски ќе биде заменик министер во Министерството за надворешни работи и трговија, а за заменик министер во Министерството за европски прашања се предлага Викторија Трајков. За заменик на министерот во Министерството за финансии се предлага Николче Јанкуловски, а за во Министерството за економија и труд се предлага Марјан Ристески.

За заменик на министерот во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини се предлага Мирослав Лабудовиќ. За заменик на министерот во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се предлага Флакрон Беџети, а во здравство Јовица Андовски.

Видете и ова: Коалицијата „Влен“ со седум заменици-министри во Владата

За заменик на министер за образование и наука се предлага Лулзим Алиу, во Министерството за локална самоуправа се предлага Ерџан Селими, за заменик министер во Министерството за култура и туризам е предложен Седат Сулејмани, а заменик министер за дигитална трансформација Радослав Настасијевиќ Варџиски.

За заменик на министерот кој ќе раководи со Министерството за јавна администрација се предлага Лазе Јаќимоски, за во Министерството за транспорт се предлага Калтрина Зеколи Шаќири.

За заменик на министерот во Министерството за животна средина и просторно планирање е предложена Ане Лашкоска, додека за заменик министер во Министерството за спорт се предлага Сафије Садики Шаини.

Од коалицијата „Влен“ информираа дека нивните кандидати за заменик-министри ги претставуваат достоинството, професионалноста и надежта за Албанците од Северна Македонија.