Групите за права соопштија дека иранските власти егзекутирале осум лица во текот на викендот, изразувајќи загриженост дека режимот може да го забрза извршувањето на смртните казни по затишјето пред предвремените претседателски избори одржани претходно овој месец.
Новинската агенција ХРАНА, фокусирана на човековите права, објави дека четири лица, меѓу кои и еден авганистански државјанин, биле обесени во затворот Кезел Хесар во Карај на 21 јули. Новинската агенција соопшти дека тие биле осудени за обвиненија поврзани со дрога.
Групите за права документираа нагло зголемување на бројот на егзекутирани Авганистанци во Иран, а активистите истакнуваат дека тие не добиваат фер судење.
Исто така, организацијата Иран за човекови права со седиште во Осло соопшти дека четири лица, вклучително и една жена, биле обесени на 20 јули во затвор во Шираз. Тројца од нив се осудени за убиство, а еден е прогласен за виновен за силување.
Видете и ова: Амнести интернешнел: Повеќе од 1150 луѓе биле егзекутирани минатата годинаПретходно овој месец, организацијата соопшти дека егзекуциите се намалени за 30 отсто во првите шест месеци од 2024 година, но предупреди дека тоа би можело да се засили по предвремените претседателски избори.
Реформистичкиот пратеник Масуд Пезешкијан го победи ултраконзервативниот ривал Саид Џалили во вториот круг од гласањето на 5 јули. Хјуман рајтс воч на 15 јули го повика Пезешкијан да се бори против зголемениот број егзекуции во Иран.
Видете и ова: Кој е Масуд Пезешкијан, новоизбраниот претседател на Иран?Од 22 јули годинава во иранските затвори биле погубени најмалку 268 лица, од кои повеќе од половина беа осудени за обвиненија поврзани со дрога. Амнести интернешенел наведува дека Иран извршил 853 егзекуции во 2023 година, со најмалку 481 егзекуции за пресуди за наркотици.
Бидејќи иранската влада не објавува официјална статистика за бројот на егзекуции, меѓународните и иранските групи за права ги документираат случаите користејќи информации само од државните медиуми и организациите за човекови права.