Топлотниот бран за 30 отсто ја зголемени потрошувачката на вода во Скопје

Во населбите Припор и Сопиште последните неколку денови е забележана енормна потрошувачка на вода (фотоархива).

Жителите на Скопје рационално и внимателно да ја користат водата во деновите со екстремно високи температури, апелираше Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ откако регистрираше зголемена потрошувачка на вода.

Според податоците кои ги споделија, дневното се трошат и над 340 метри кубни вода што е за 30 отсто повеќе во споредна со зимскиот период.

Од „Водовод и канализација“ препорачуваат скопјани рационално да ја трошат водат односно да се избегнува полевање поголеми површини, разладување на дворови и улици итн.

„Особено да се избегнува непотребно трошење на водата за полевање на бавчи и ниви, полнење на базени и сл. што предизвикува нестабилност во водоснабдувањето во високите зони на градот, како што е на пример Припор и Сопиште каде во текот на последните неколку денови е забележана енормна потрошувачка на вода, која доколку не се рационализира може да доведе и до прекини во водоснабдувањето“, пишува во апелот од Јавното претпријатие.

Видете и ова:

Жешкото време носи и „жешки“ сметки за струја

Северна Македонија, како и земјите од регионот, месецов се зафатени со топлотен бран во кој дневните температури надминуваат и 40 Целзиусови степени. Земјава беше и во портокалова фаза, која заедно со пожарите што избија низ повеќе локации во државата, беше причина Владата од 14 јули да воведе и 30-дневна кризна состојба.

Покрај потрошувачката на вода, како што пишуваше Радио Слободна Европа, во Северна Македонија зголемена е и потрошувачката на струја. Според податоците на универзалниот снабдувач ЕВН, потрошувачката на струја од 1 до 17 јули се зголемила за околу 11 проценти во споредба со истиот период лани.