Израелски напади врз централна Газа, има загинати

Состојбата во бегалски камп во јужниот дел на Појасот Газа по напад од израелските сили, 13 јули 2024 г.

Најмалку 13 лица загинаа во три израелски воздушни напади што ги погодија бегалските кампови во центарот на Газа во текот на ноќта, тврдат палестинските здравствени власти.

Според палестинските тимови за итни случаи, кои ги пренеле телата во блиската болница Ал Акса, меѓу загинатите во бегалските кампови Нусејрат и Буреиџ се и три деца и една жена.

Последните жртви од нападите доаѓаат откако претходно лекарите успеаја да спасат бебе на Палестинка која била во поодмината бременост, а беше убиена во израелски напад во Газа, јавуваат палестинските медиуми.

Видете и ова: Израелската окупација на палестинските територии е нелегална, одлучи судот на ОН

Бремената Ола ал Курд (25) загина во експлозија заедно со уште шест други лица, но итно беше пренесена во болницата Ал Авда во северниот дел на Газа со надеж дека ќе се спаси нероденото дете. Неколку часа подоцна, лекарите за „Асошиејтед прес“ потврдија дека е родено момче.

Новороденчето е стабилно, но има недостаток на кислород и е сместено во инкубатор, изјави докторот Халил Дајран. Таткото на момчето бил ранет во истиот напад, но успеал да преживее.

Во војната во Газа, која беше предизвикана од нападот на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври, досега загинале повеќе од 38.900 луѓе, според Министерството за здравство под Хамас, кој е прогласен за терористичка организација од страна на ЕУ и САД.

Оваа војна донесе хуманитарна катастрофа на крајбрежната палестинска територија, предизвикувајќи широк глас и принудувајќи ги повеќето нејзини жители да се иселат.

Во нападот на Хамас на 7 октомври врз јужен Израел загинаа 1.200 луѓе, главно цивили, а како заложници беа земени околу 250 лица. Според израелските власти, околу 120 од нив остануваат во заробеништво, а за околу една третина се верува дека се мртви.