Најмалку 40 лица загинаа откако брод со мигранти се запали во близина на брегот на Хаити, соопшти во петокот Меѓународната организација за миграција (ИОМ).
Очевидци сведочат дека трагедијата била предизвикана од вуду ритуал.
Бродот, во кој имало повеќе од 80 луѓе, се запалил за време на патувањето од 250 километри меѓу Форт Сен Мишел на северот на Хаити и островите Туркс и Каикос.
Пожарот настанал кога патник запалил свеќа за да започне вуду ритуал, изјави портпаролот на полицијата, Аролд Џин.
Видете и ова: Дел од персоналот на ОН ја напушта ХаитиПреживеаните за локалните медиуми велат дека ритуалот требало да донесе среќа и да му помогне на бродот да не биде пресретнат од крајбрежната стража.
„Овој катастрофален настан ги покажува ризиците со кои се соочуваат децата, жените и мажите кои мигрираат преку нерегулирани рути, покажувајќи ја критичната потреба за воспоставување безбедни и легални миграциски рути“, рече шефот на мисијата на ИОМ на Хаити, Грегоар Гудштајн.
Крајбрежната стража на Хаити спасила 41 преживеан, соопшти ИОМ. Единаесет мигранти се пренесени на лекување во болница.
„Социо-економската ситуација на Хаити е во агонија. Екстремното насилство во изминатите месеци само ги поттикна Хаиќаните да прибегнат кон уште поочајни чекори“, додаде Гудштајн.
Според ИОМ, повеќе од 86.000 мигранти се насилно вратени на Хаити од соседните земји само оваа година. Земјата во моментов има речиси 600.000 внатрешно раселени лица, според бројките на ОН, што е зголемување за 60 отсто од март кога вооружени банди нападнаа владини згради и го принудија премиерот да поднесе оставка.
Видете и ова: ОН: Речиси 282 милиони луѓе ширум светот се соочиле со акутен гладНасилството што го потресува Хаити ја влоши една од најтешките хуманитарни кризи во светот. Десетици луѓе беа убиени, а 15.000 останаа без покрив над главата во последниот бран на насилство.
Обединетите нации во јануари објавија дека во 2022 година поради насилството на бандите имало повеќе од 8.400 жртви на убиства и киднапирања на Хаити.