ЦУК: Во изминатите 24 часа имало 35 пожари на отворено, активни се 12

Пожарите во Северна Македонија опустошуваат стотици хектари шума (фотоархива)

Вкупно 35 пожари на отворено имало во изминатото деноноќие во Северна Македонија, а од нив утрово (20 јули) активни се вкупно 12, информираше Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Еден од нив е на територијата на Општина Неготино за кој од ЦУК велат дека е „кај армискиот полигон Криволак во правец штипско рамниште“, но е ставен под контрола.

Мешана шума гори на територијата на Градско, кај селата Подлес и Чичево, како и во Ново Село кај селото Вадилен, а пожар во борова шума има кај селото Тажево во Општина Македонски Брод.

Видете и ова: Српски хеликоптер го изгасна пожарот во близина на селото Росоман

Нискостеблеста шума, сува трева, грмушки, пак, горат во два пожари на територијата на Чашка, и по еден на териториите на Росоман, Кавадарци, Штип, Велес и Долнени.

Во Делчево гори градската депонија.

Пожарите во Северна Македонија опустошуваат стотици хектари, а најсериозен е пожарот на планината Серта. Од 14 јули Владата прогласи и кризна состојба. Во гаснењето на пожарите вклучена е и Армијата и полицијата, а помош има и од земји од регионот, како Словенија, Турција и Србија.