ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, аеродромскиот оператор на двата македонски аеродроми извести дека сите аеродромски системи се во функција и засега нема откажани летови, а не се соочуваат ниту со прекини или технички проблеми на нивните системи.
„Факт е дека одредени авиокомпании се соочуваат со тешкотии со нивните системи, но ние преземавме мерки за овозможување на непречени операции на аеродромите“, стои во соопштението од ТАВ.
Апелираат сите патници да ги проверат и потврдат информациите за нивниот лет со авиокомпанијата или туристичката агенција преку која резервирале авиобилет.
„Сите аеродромски сектори се во состојба на подготвеност поради глобалниот ИТ прекин и се преземаат сите неопходни мерки за опслужување на нашите патници на најдобар можен начин, дополнуваат“ од ТАВ.
Видете и ова:
Компанијата за сајбер безбедност уверува дека техничките проблеми не се безбедносен инцидентПоради проблемите во глобалните ИТ системи, од компанијата „Виз ер“ која лета од Меѓународниот аеродром „Скопје“, соопштија дека патниците ќе може да доживеат прекини низ мрежата бидејќи услугите на веб страницата и мобилните апликации се привремено недостапни.
„За време на прекинот, достапно е бесплатно пријавување на аеродромот. Затоа, ги советуваме патниците да пристигнат на аеродромот најмалку 3 часа пред закажаното време на поаѓање за да овозможат доволно време за пријавување, безбедносна контрола и здравствени и безбедносни процедури специфични за аеродромот“ пишува во соопштението на компанијата.
Поради голем ИТ дефект денеска на 19 јули светските авиокомпании, аеродромите на најмалку четири континенти, здравствените системи, банките, телекомуникациите, медиумите и други компании, институции и организации се соочуваат со потешкотии во работата.
Сè поголем број влади и институции тврдат дека зад големиот технолошки дефект што ги погоди компаниите и системите ширум светот, не стои хакерски напад, а виновникот го наоѓаат во софтверот на компанијата за кибер безбедност „Крауд Страјк“ (CrowdStrike).