Нови 26 случаи на голема кашлица, две лица се хоспитализирани изминатата недела

Институт за јавно здравје

Нови 26 случаи на голема кашлица се пријавени во периодот од 12 до 18 јули, што претставува намалување од 35,4 отсто во споредба со претходниот седмодневен период, информира Институтот за јавно здравје.

Најголем дел од случаите се пријавени во Скопје - 10. Пријавени се и седум случаи од Куманово, по два во Кратово и Тетово и по еден случај во Гевгелија, Неготино, Кичево, Битола и од Крива Паланка. Возраста на заболените се движи од три месеци до 70 години, а најголем број случаи се од возрасната група до четири години. Од новите случаи, хоспитализирани се две лица, покажува најновиот извештај на ИЈЗ објавен на 19 јули.

„Заклучно со 18 јули, во Северна Македонија се регистрирани вкупно 931 случај на голема кашлица, со инциденца од 50,7/100.000 жители. Тоа претставува неколкукратно зголемување на бројот на заболени во однос на изминатиот петгодишен период - од 2019 до 2023 година, кога се регистрирани вкупно 10 случаи“, пишува во извештајот.

Од вкупниот број заболени лица, кај 924 лица се регистрирани симптоми, додека болеста кај седум лица е во асимптоматска форма.

Видете и ова:

Големата кашлица „тргна“ од Скопје кон другите градови

Епидемиолошките истражувања покажуваат поврзаност на 151 случај.

„Порастот на бројот на невакцинирани деца - пад на опфат со задолжителна имунизација, антивакциналните кампањи, но и колебливоста на родителите во однос на имунизацијата, доведуваат до повторна појава на вакцино - превентабилни заболувања во Северна Македонија“, наведуваат од ИЈЗ.

Во тек се три епидемии, пријавени во ниво на територијата на Скопје, Куманово и на Тетово.

Од вкупниот број регистрирани случаи, 580 не биле вакцинирани, не се комплетно вакцинирани согласно возраста или нема доказ за вакцинација. Од случаите кои се комплетно вакцинирани - 264, просекот на поминато време од последната доза на вакцина до заболувањето изнесува 13 години.

Од 18 јануари до 18 јули, дадени се вкупно 59.972 дози вакцина со компонента против голема кашлица.

Големата кашлица е едно од најзаразните заболувања. Кашлањето е често, силно, трае и до 100 дена. Силната бактериска инфеција може да предизвика дополнителни компликации.