Вториот највисок суд на Европската Унија денеска (18 јули) соопшти дека Европската комисија не била доволно транспарентна околу договорите за купување вакцини против Ковид-19 за време на пандемијата.
Членовите на Европскиот парламент сакаа да ги испитаат договорите за да ги разберат условите, но им беше овозможен само делумен пристап, додека некои документи беа преработени при што Комисијата истакна дека ова е направено за да се заштитат комерцијалните интереси и процесот на донесување одлуки.
Пратениците потоа ги поднесоа своите жалби до Општиот суд со седиште во Луксембург, кој наведе дека Комисијата не ги уверила дека пристапот до одредени клаузули ќе го поткопа комерцијалниот интерес на вклучените компании.
Судот оцени дека Европската комисија не и обезбедила на јавноста доволен пристап до информации за зделките за набавки на вакцини против Ковид-19 направени со фармацевтски компании за време на корона пандемијата.
Постапката пред Судот ја покренаа група европратеници, откако, според нив, Европската комисија одбила да им даде целосен пристап до договорите за набавката на вакцините против Ковид-19.
Видете и ова: Фон дер Лајен критикувана поради приватна комуникација со шефот на ФајзерКомисијата во својата реакција посочува дека внимателно ќе ги проучи пресудите на Судот и нивните импликации.
„Во своите пресуди, Општиот суд се согласува со Комисијата за повеќето наводи и особено признава дека заштитата на комерцијалниот интерес ги опфаќа клаузулите од договорите кои се однесуваат на локацијата на производните локации, одредбите за правата на интелектуална сопственост и за авансите или авансните плаќања, како и за пристап до распоредот за испорака“, се наведува во реакцијата од ЕК.
Видете и ова: Шефицата на Европската комисија бара зголемен обем на вакцинација во ЕУСпоред Комисијата, Судот потврдил дека Комисијата имала право да обезбеди само делумен пристап до информациите, со што само делумно ја потврдил правната постапка по две точки. Во реакцијата се нагласува дека генерално Комисијата дава најширок можен јавен пристап до документите во согласност со принципите на отвореност и транспарентност.
Извршното тело на ЕУ додава и дека согласно Рамковниот договор за односите меѓу неа и Европскиот парламент, таа на европратениците им доставила целосни информации за договорите за набавката на вакцини против Ковид-19.
Европската комисија потпиша серија големи договори за обезбедување вакцини од неколку фармацевтски компании во екот на пандемијата во 2020 и 2021 година.