Во вторникот, Грција им нареди на некои работодавци да ги суспендираат своите работници од тешката работа на отворено оваа недела во попладневните часови кога земјата ја зафаќаат високите температури.
Градежни работници, доставувачи на храна, бродоградители се дел од работниците на кои од 16 до 19 јули нема да им биде дозволено да работат од пладне до 17 часот, бидејќи се очекува живата во термометрите да достигне 42 и 43 степени Целзиусови во делови од земјата.
Грција од јуни се справува со горештините, а веќе избувнаа неколку шумски пожари поради високите температури и ветерот.
Поголемиот дел од Грција со месеци е без дожд или со многу малку врнежи. Грчките острови, кои привлекуваат милиони туристи во текот на летото, се соочуваат со недостиг на вода.
Видете и ова: Жештините и невремињата не се исти како пред десет годиниМетеоролозите не очекуваат значително опаѓање на температурата до крајот на месецот, пишува Ројтерс.
На познатиот плоштад Синтагма, во центарот на Атина, Црвениот крст отвори привремена, мобилна единица за помош на минувачите кои пропаѓаат поради жештините.
Најмалку шест туристи, меѓу кои и познатиот британски телевизиски водител Мајкл Мозли, починаа минатата недела како последица на екстремните горештини.
Многу области во светот, од САД до Индија, се погодени од екстремни летни температури.