Судењето на новинарот Гершкович поместено за 18 јули

Регионалниот суд во Свердловск во рускиот град Екатеринбург соопшти дека го пoместил продолжувањето на судењето на новинарот на Волстрит Џурнал, Еван Гершкович, кој повеќе од една година е во руски притвор под обвинение за шпионажа. И Гершкович и владата на Соединетите Држави ги отфрлија обвинувањата како политички мотивирани.

Според судот, датумот за следно судење е поместен од 13 август на 18 јули на барање на одбраната на Гершкович. Од судењето, кое започна на 26 јуни и се одржува зад затворени врати, не беа обелоденети аргументите на тимот на одбраната.

Гершкович беше уапсен во Екатеринбург на 29 март 2023 година, за време на службено патување. Тој е обвинет за обид да добие воени тајни и да и ги пренесе на ЦИА.

Амбасадата на САД во Москва во соопштение по воведното сослушување на судењето на 26 јуни информираше дека руските власти не доставиле докази за да ги поткрепат обвиненијата и повикаа на итно ослободување на Гершкович. Исто така, побара Москва да престане да ги користи американските државјани како потпора за политички цели.

Видете и ова: Кои се Американците уапсени во Русија?

Гершкович, син на имигранти од поранешниот Советски Сојуз, роден во Америка, е првиот американски новинар уапсен под обвинение за шпионирање во Русија по Студената војна.

Нему му се заканува затворска казна до 20 години доколку биде прогласен за виновен, исход кој е повеќе од сигурен.

Волстрит Џурнал и американската влада категорично ги отфрлија обвиненијата, велејќи дека Гершкович (32) само ја вршел својата работа како акредитиран новинар кога бил уапсен.

Гершкович е задржан во злогласниот московски затвор Лефортово од неговото апсење, а сите негови апели за ослободување се одбиени.

Гершкович и уште еден американски државјанин, Пол Вилан, кој отслужува 16-годишна затворска казна поради обвинение за шпионажа, владата на САД ги означи за „погрешно притворени“.

Таквата ознака осигурува дека случајот е доделен на Канцеларијата на специјалниот пратеник за заложнички работи во американскиот Стејт департмент, со што ќе се подигне политичкиот профил на нивната ситуација и ќе и се дозволи на американската администрација да одвои повеќе ресурси за обезбедување на ослободувањето на затворениците.

Видете и ова: Mедиумски организации од САД го повикуваат Бајден да ја прогласи Курмашева за „неправедно притворена“

Гершкович е еден од двајцата американски репортери кои во моментов се задржани од руските власти. Другата е Алсу Курмашева, новинарка на РСЕ, која има двојно американско-руско државјанство.

Курмашева (47) беше уапсена во Казан во октомври и беше обвинета дека не се регистрирала како „странски агент“ според казнениот руски закон што ги таргетира новинарите, активистите на граѓанското општество и други. Таа, исто така, е обвинета за ширење невистини за руската војска и се соочува со 10 години затвор, доколку биде осудена.

РСЕ и американската влада велат дека обвиненијата се одмазда за нејзината работа како новинарка на радиодифузерот во Прага.