Парламентот на Гамбија во понеделникот на 15 јули го отфрли предлог-законот со кој би се укинала сегашната забрана за осакатување на женските гениталии, на која често се подложени девојчињата на возраст од пет години.
Таа одлука е донесена по неколкумесечна дебата во таа западноафриканска земја со мнозинско муслиманско население, пишува Асошиетед Прес.
Женското осакатување е широко распространето во делови на Африка со векови во име на „сексуалната чистота“ и контролата, а освен инвалидитет, на жртвите им носи и болести и трајно стресно нарушување.
Верските конзервативци водеа кампања за поништување на забраната, тврдејќи дека осакатувањето е „една од вредностите на исламот“, но не успеаја.
Во Гамбија, според Обединетите нации, повеќе од половина од жените и девојчињата на таа возраст биле подложени на оваа постапка.
Поранешниот претседател Јахија Џаме ја забрани оваа практика во 2015 година, но активистите велат дека спроведувањето на неговиот закон е слабо и дека практиката продолжува, а досега се гонети само два случаи.
УНИЦЕФ годинава објави дека 30 милиони жени ширум светот биле осакатени само во последните осум години, најмногу во Африка, но и во Азија и на Блискиот Исток.
Повеќе од 80 земји имаат закони кои ја забрануваат или казнуваат оваа практика, соопшти Фондот за население на Обединетите нации оваа година. Меѓу нив се Јужна Африка, Иран, Индија и Етиопија.