Црногорската полиција ги зголеми безбедносните мерки против поранешниот претседател на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, по информациите дека против него се подготвува атентат.
Ова беше објавено на 14 јули, откако ден претходно неколку медиуми во Црна Гора, повикувајќи се на извори од безбедносниот сектор, објавија дека криминална група од регионот подготвувала атентат врз Ѓукановиќ и дека поранешниот претседател на Црна Гора бил информиран за ова од неименуван припадник на странски разузнавачки служби.
„Полициската управа добила соодветни информации од Агенцијата за национална безбедност (АНБ). Потенцираме дека кредибилитетот на информациите се уште се проверува од страна на АНБ. Веднаш по добивањето на информацијата, полицијата, обвинителството и АНБ преземаат дополнителни мерки и дејствија од нивна надлежност на синхронизиран начин“, се вели во соопштението на полицијата.
Оттаму наведуваат дека веднаш по добиената информација, надлежното обвинителство оформило предмет.
Претседателот на опозициската Демократска партија на социјалистите, Данијел Живковиќ е единствениот кој официјално објави дека таа партија „има детали за можната подготовка на атентатот на поранешниот претседател на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ“.
Тој ова го изјави на прес-конференција на 13 јули, одговарајќи на новинарско прашање за медиумските информации дека се подготвува атентатот на Ѓукановиќ.
„Запознаени сме со деталите и знаеме на што се однесува. Не е наше да го пренесеме нашето знаење. Верувам дека АНБ и другите надлежни институции ќе излезат со прецизни податоци“, рече Живковиќ.
Повикувајќи се на објавените неофицијални информации на медиумите, Живковиќ на пресот изјави дека Ѓукановиќ за ова бил предупреден од кругови на странски разузнавачки агенции, но не сакал да соопшти детали.
Повикувајќи се на неименувани извори, дел од медиумите во Црна Гора добија потврда дека АНБ добила „оперативни информации“ за подготовка на атентатот на Ѓукановиќ.
Во оваа прилика, Радио Слободна Европа (РСЕ) испрати прашања до АНБ дали добила „сериозни оперативни информации дека организирана криминална група подготвува атентат врз Ѓукановиќ“, како што пишуваат дел од медиумите. Но до објавување на овој текст одговор не пристигна.
РСЕ праша и во кабинетот на поранешниот претседател дали е вистина дека тој ги известил надлежните органи за информацијата дека се подготвува неговиот атентат. Немаше одговор ниту од таа адреса.
Во првото полициско соопштение дадено на 13 јули, полицијата наведува дека не била запознаена со информациите за подготовка на атентатот на Ѓукановиќ.
Во последното соопштение појаснуваат дека во времето на медиумските соопштенија за подготовка на атентатот „АНБ соработувала на меѓународно ниво за да ја провери таа информација“:
„Додека трае постапката за утврдување на релевантните факти и околности, вклучително и нивниот кредибилитет, донесена е одлука за зајакнување на безбедносните мерки за поранешниот претседател на Црна Гора од превентивни причини“, се вели во последното соопштение.
Поранешниот претседател на Албанија, Илир Мета, реагираше на веста за планирање на атентатот на Мило Ѓукановиќ, наведувајќи дека оваа информација е многу загрижувачка за мирот и стабилноста на овие простори.