Мицкоски го осуди „кукавичкиот обид за атентат“ врз Трамп

Премиерот Христијан Мицкоски, архивска фотографија

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски го осуди обидот за атентат врз поранешниот американски претседател Доналд Трамп на предизборен митинг во Батлер, Пенсилванија. Тој во пост на социјалната мрежа Фејсбук напиша дека во овие моменти на,како што вели, тага, шок и загриженост на американскиот народ, изразува „најголема осуда за кукавичкиот обид за атентат“ врз поранешниот претседател Трамп.

„Истовремено, на претседателот Трамп и на повредените граѓани им посакувам побрзо опоравување и заздравување. Нашите мисли и молитви се со претседателот Трамп, со неговото семејство и со американскиот народ,“ пишува Мицкоски во објавата на Фејсбук.

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп беше ранет во, како што рекоа претставниците на законот, „обид за атентат“ за време на предизборен митинг во западна Пенсилванија.

Видете и ова: Трамп „добар“ по обидот за атентат на предизборен митинг, осомничениот напаѓач убиен


Трамп подоцна рече дека бил застрелан во увото, а на видеото од митингот на 13 јули се виде крв што тече од десната страна на неговото лице, додека агентите на тајната служба го симнуваа од бината каде што требаше да оддржи предизборен говор.

Две лица беа убиени, меѓу кои и осомничениот стрелец, а двајца други во публиката беа ранети, јавуваат американските медиуми. ФБИ подоцна го идентификуваше осомничениот вооружен напаѓач како Томас Метју Крукс, 20-годишен маж од град недалеку од градот Батлер, каде што се одржа собирот.

Видете и ова: Светските лидери го осудија „обидот за атентат“ врз поранешниот американски претседател Трамп


Светските лидери го осудија пукањето врз републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп, инцидент што ја разбранува предизборната кампања во САД и ги зголеми стравувањата од дополнително политичко насилство.

Престрелката дојде два дена пред отворањето на републиканската национална конвенција, на која се очекува бизнисменот и поранешна реалити ТВ ѕвезда да ја обезбеди партиската номинација и помалку од четири месеци пред изборите на 5 ноември.