Истрели на митинг во Пенсилванија, Трамп со крв на лицето

Фотографија од моментот кога обезбедувањето го евакуира Трамп по истрелите на неговиот митинг во Пенсилванија

Агенти на тајната служба го турнале поранешниот американски претседател Доналд Трамп на митингот во Батлер, Пенсилванија откако се слушнале истрели. Тој паднал на земја, по што безбедносните служби го подигнале и го изнеле од бината, јавува Си-Ен-Ен.

Трамп потоа бил однесен во возило и евакуиран од местото на настанот. Инцидентот се случил неколку моменти откако тој се качил на бината на митингот.

Трамп ги поздравува насобраните на митингот за време на неговото евакуирање по пукањето

Новинарите кои известуваа од митингот во Батлер, каде што поранешниот претседател Доналд Трамп требаше да оддржи говор, велат за Си-Ен-Ен дека слушнале „серија силни експлозии или силни удари“ пред агентите на тајната служба да се упатат кон Трамп и да го заштитат.

„Припадници на тајната служба веднаш го покрија Трамп, и потоа повторно се слушна нешто што наликува на силни удари “, се вели во новинарскиот извештај.

Видете и ова: Трамп од Пенсилванија ќе го најави потпретседателскиот кандидат

„Агентите го фатија Трамп, кој беше виден како ја крева тупаницата во воздух“, се додава во извештајот од митингот, а на видео снимките од новинската агенција Ројтерс се гледа, како што објави Ројтерс „нешто што изгледа како крв на неговото лице и увото“.

„Поранешниот претседател е безбеден“, соопшти тајната служба набрзо по евакуацијата.

Од кампањата на Трамп набрзо соопштија дека тој е во добра здравствена состојба, откако на митингот во Пенсилвација беа слушнати, како што јавува новинската агенција Асошиетед прес, очигледни истрели од огнено оружје кои одекнаа низ толпата.

„Претседателот Трамп им се заблагодарува на органите на редот и на првите што реагираат со нивната брза акција за време на овој грозоморен чин. Тој е добро и се прегледува во локална медицинска установа. Повеќе детали ќе следат“, е наведено во соопштението од претставници на кампањата на републиканскиот кандидат за претседател Трамп.