Обвинителство бара притвор за скопјанецот кој им дал седативи на четворицата малолетници

Илустрација

Основното јавно обвинителство отвори истрага и побара од Судот мерка притвор против 40 годишниот скопјанец кај кого полицијата пронајде четворица малолетници во бессознание. Според соопштението истрагата е покрената под сомнение дека на четворицата малолетници им дал медикаменти, односно од неговите лекови за одвикнување од алкохол.

Тој е осомничен за сторени кривични дела „тешки дела против здравјето на луѓето“, како и за кривичното дело „излагање на опасност“.

Осомничениот, додека на 11 јули во вечерните часови во неговиот дом престојувале четири деца на возраст од 15 до 17 години, ставил во промет лекови што се штетни за здравјето.

„Тој заедно со децата почнал да конзумира алкохол и во текот на вечерта извадил лекови “тергатол 200 мг”, “запира 10 мг” и “дијазепам 5 мг” кои ги користел за одвикнување од зависност од алкохол и кои им ги понудил на малолетниците да ги испијат за подобро расположение“, се вели во соопштението на Обвинителството.

Видете и ова: Приведен скопјанецот каде што беа пронајдени малолетници во бессознание

Во соопштението се вели дека тој им дал да испијат поголемо количество од лековите во комбинација со алкохолот, иако бил свесен за штетната последица што може да настапи и со тоа тешко им го нарушил здравјето.

Следниот ден попладнето полициски службеници ги пронашле оштетените деца во неговиот дом во бессознание и со сериозно влошена здравствена состојба. Со возило на итна медицинска помош биле префрлени на Клиниката за токсикологија, каде што кај децата било констатирано високо присуство на бензодијазепини во крвта.Некои од овие лекови се сметаат за седативи, а други се сметаат за анти-анксиозни лекови.

„Осомничениот претходно станал и во дневната соба ги затекнал децата како лежат во сериозно влошена здравствена состојба која претходно самиот ја предизвикал, но и покрај тоа ги оставил без помош“, е наведено во соопштението.

Директорот на клиниката Андон Чибишев соопшти дека докажано е присуство на психоактивни супстанци кај четворицата малолетни пациенти, без при тоа да има присуство на алкохол.

„Сите четворица пациенти се свесни, во подобрена здравствена состојба, со стабилни витални параметри. Немаат посериозни повреди. Продолжува интензивното лечење и надзор на Универзитетската клиника за токсикологија“, појасни Чибишев.

Во описот на случајот се вели дека вчера во 13:57 часот во Секторот за внатрешни работи Скопје било пријавено оти во двор од куќа, сопственост на Д.Ѓ., тој со тврд предмет бил физички нападнат од малолетник.

По добиената пријава полициските службеници биле во куќата каде ги затекнале четирите малолетни лица од кои две биле во бессознание.