Ослободени се сите обвинети во случајот „државен удар“, на денот на парламентарните избори во Црна Гора во 2016 година, со одлуката на Вишиот суд на 12 јули.
Новата одлука ја донесе тричлениот судски совет на судијата Зоран Радовиќ.
„Немаше докази дека обвинетите се виновни за делата што им се ставаат на товар, па затоа се ослободени“, најави Радовиќ во образложението на пресудата.
Со пресудата беа ослободени руските државјани Едуард Шишмаков и Владимир Попов, обвинети за организирање и финансирање на насилната промена на власта во Црна Гора.
Ослободени се и лидерите на прорускиот Демократски фронт - актуелниот претседател на Парламентот на Црна Гора Андрија Мандиќ, пратеникот Милан Кнежевиќ и возачот Михаило Чаѓеновиќ, како и пензионираниот генерал на српската жандармерија Братислав Дикиќ и седум други српски државјани кои беа уапсени на денот на изборите во 2016 година.
На изрекувањето на пресудата не присуствуваа ниту специјалните обвинители, ниту обвинетите, туку само бранителите.
Инаку, ова е втора пресуда на Вишиот суд во процес кој трае седум години врз основа на обвинението на Специјалното обвинителство кое обвинетите ги товареше за терористички обид за насилно уривање на власта во 2016 година.
Видете и ова: Црна Гора екстрадираше поранешен сведок во обидот за пуч во 2016Сите обвинети првостепено во 2019 година беа осудени на вкупно 70 години затвор. Таа пресуда две години подоцна Апелациониот суд ја укина и нареди ново судење.
Според обвинението на Специјалното обвинителство, организатори и финансиери на обидот за насилно соборување на власта за време на изборната ноќ на 16 октомври 2016 година биле руските државјани Едуард Шишмаков и Владимир Попов.
Сите обвинети беа обвинети дека со употреба на оружје се обиделе да ги нападнат граѓаните собрани пред Собранието на Црна Гора и полицијата и да извршат големи терористички напади врз специјалните полициски единици.
Обвинети се и за намера да го заземат парламентот, да прогласат победа на Демократскиот фронт, да го лишат од слобода или да го ликвидираат тогашниот премиер Мило Ѓукановиќ.
Никој од обвинетите не се изјаснил за виновен, а тие негирале дека се познаваат со другиот обвинет.