Полицаецот Игор Марков од гевгелиско Негорци, кој минатата година смртно застрела 23-годишна мигрантка, е ослободен од обвинение. Ваква пресуда донесе Кривичен суд. Обвинетиот и неговите адвокати не беа присутни во судницата. По изведените докази, судијата Ненад Савески не увидел дека има основи за кривично дело.
Изрази жалење и сочувство до блиските и до сопругот на мигрантката. Право на жалба се има во рок од 15 дена по прием на пресудата, до Апелационен суд.
„Патот на мигрантите до остварување на нивната цел да стигнат до место кое за нив ветува подобар живот е пропратен со многу предизвици, ризици и опасности. Но надежта за подобар живот е водилката која ги мотивира мигрантите да се впуштат во една ваква цел полна со неизвесност. Ова судење беше многу емотивно. Загубата за изгубениот не може ништо да ја компензира, но Судот одлуките ги носи врз основа на Уставот и законот и врз база на поднесените докази“, рече судијата Ненад Савески.
Незадоволство од пресудата, изрази Глигорие Ќатоски, полномошник на оштетените лица, на сопругот, мајката и на сестрата.
Видете и ова: ОН: Мигрантите се соочуваат со „хорор“ додека ја преминуваат Африка„Секако дека не можеме да бидеме задоволни од ослободителната пресуда. Ќе почекаме да ја добиеме и писмено образложената пресуда. Согласно законот за кривична постапка, како полномошници на оштетен, немаме право да подмесуваме жалба на ослободителната пресуда, тоа право го има јавниот обвинител. Се надевам дека таквото право ќе биде искористено, рече адвокатот.
На 26 септември од Обвинителството соопштија дека е поднесен обвинителен акт против полициски инспектор за сторено кривично дело „тешки дела против општата сигурност“.
Настанот се случил на 19 април 2023 година.
Според судот еден од полицајците го извадил пиштолот и со викање ги предупредувал мигрантите да застанат. Криумчар се обидел да му го земе пиштолот по што почнала борба меѓу нив. При тоа, било истрелано од пиштолот и куршумот ја погодил мигрантката Фатмата Камара која била во автомобил.