Сиљановска-Давкова: Треба да размислиме за доброволно отслужување на воен рок

Гордана Сиљановска-Давкова на показната вежба на припадниците на Армијата од Баталјонот на специјални сили во Кампот за обука на вода во Охрид, 11 јули 2024

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова смета дека би требало да се размисли за опцијата младите да можат да служат воена обврска на доброволна основа.

„Сме имале ние такво искуство, да, мислам дека треба да се размислува. Има луѓе кои би сакале да служат воена обврска, доброволно, зошто тоа да не го овозможиме. Мислам дека тогаш и односот кон армијата ќе биде попозитивен. Треба да се отвори темата, да се разговара, треба да се слушнат аргументите, да се тестира расположението кај луѓето“, рече претседателката која присуствуваше на показната вежба на припадниците на Армијата од Баталјонот на специјални сили во Кампот за обука на вода во Охрид.

Сиљановска-Давкова потсети на времето од поранешната државна заедница кога отслужувањето воен рок значеше интеракција на најразлични профили луѓе, градење односи на солидарност и разбирање.

Видете и ова: Ќе го вратат ли војните задолжителниот воен рок?

Поранешната министерката за одбрана Славјанка Петровска во февруари изјави дека Северна Македонија нема потреба од враќање на редовниот воен рок, откако во дел од земјите во регионот Србија, Хрватска и Косово се појавија слични иницијативи за воведување задолжителен воен рок. Засега за вакви иницијативи не размислуваат Албанија, Црна Гора, БиХ кои исто така имаат професионални војски.

Инаку воведување професионална војска во Северна Македонија во 2006 година беше дел од процесот на трансформација во координација со НАТО, каде само неколку членки имаа задолжителен воен рок.