Бугарската државна компанија за гас, Булгаргаз, поднесе тужба против рускиот енергетски гигант Гаспром за обештетување во износ од 400 милиони евра. Причината е штетата настаната како резултат на едностраното прекинување на испораките на гас за Бугарија во 2022 година, соопшти компанијата на 9 јули.
Веста доаѓа еден месец откако германска енергетска компанија успешно го тужеше Гаспром за 13 милијарди евра. Ова се случи во сличен арбитражен случај за прекинот на гасот за Германија во 2022 година.
Одлуката за Германија дојде од Меѓународниот арбитражен суд во Стокхолм. Случајот на Бугарија беше изведен пред Арбитражниот суд на Меѓународната стопанска комора во Париз.
Видете и ова: Бектеши: Ќе бараме оштета од Бугарија и ЕУ за таксата на рускиот гасВо мај, Владимир Малинов, вршител на должноста министер за енергетика на Бугарија, ја објави намерата на Булгаргаз да бара таква компензација од руската компанија. Одлуката за висината на средствата е донесена по финансиска и правна анализа со учество на меѓународни експерти.
Од почетокот на инвазијата на Украина во 2022 година, Русија побара од своите европски клиенти да плаќаат за испораките на природен гас во рубли наместо валутите предвидени во потпишаните долгорочни договори - долари и евра.
Бугарија одби да го стори тоа. Како одговор, Русија еднострано го прекина снабдувањето со гас во април 2022 година.
Бугарија и Полска беа меѓу првите земји со прекинати испораки на руски гас. Последователно, Москва го прекина и снабдувањето преку гасоводот Северен тек. Овие акции на Русија доведоа до рекордно зголемување на цената на природниот гас и енергијата во европски земји.
Компании во Италија, Франција, Полска, Украина, Финска веќе поднесоа арбитражни случаи против Гаспром поради прекин на испораките спротивно на потпишаните договори.