Судскиот совет ја отфрли иницијативата за одговорност во Академијата за судии и обвинители

Илустрација

Судскиот совет ја отфрли иницијативата за утврдување одговорност на членови на Управниот одбор (УО) на Академијата за судии и јавни обвините.

Иницијативата беше одбиена како ненавремена со девет гласа „за“ и два „против“.

Одговорноста за членовите на УО преку оваа иницијатива ја бараше Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) бидејќи сметаше дека со тоа што Академијата во текот на изборниот процес ја продолжила постапката за тестирање за прием на слушатели за идни судии и обвинители ги прекршила Законот за спречување корупција и судир на интереси и Изборниот законик.

Иницијативата беше испратена до повеќе институции кои се надлежни да предлагаат членови на Управниот одбор на Академијата, меѓу кои е и Судскиот совет.

Видете и ова: ДКСК ќе бара одговорност за случајот со Академијата на судии и обвинители

На седницата на Советот одржана на 8 јули, членот Тања Чачарова-Илиевска, истакна дека Иницијативата на ДКСК не е навремено доставена.

„На 11.05.2024 истекува рокот на оваа одредба за ДКСК да иницира постапка за утврдување одговорност пред надлежните органи. Дописот со кој ДКСК ја иницира постапката е од 23.5.2024, односно 10 дена подоцна и е неблаговремнена. Ако одиме по одредбите на нашиот закон за утврдување на навременост на одредено барање, тогаш е ненавремено“, посочи Чачарова – Илиевска.

И да била навремена и да се отворела постапка, според членот Ивица Николовски, Судскиот совет не би можел да утврдува ваква одговорност.

„Ние никако не можеме мериторно да одлучуваме, туку тоа би било евентуално ако оваа Иницијатива е ненавремена, односно Советот смета дека е навремена, тогаш значи ќе отвори постапка. Постапка за одговорност на судии знаеме како изгледа и е предвидено во нашиот Закон. По овие укажувања од страна на овој орган, ние апсолутно не смееме да утврдиме одговорност, се знае на кој начин и во каква постапка се утврдува одговорност на судии“, рече на седницата Николовски.

Видете и ова: Смени или поделби во Академијата за судии и обвинители?

За овој случај со закажувањето тестирање на кандидатите во текот на изборниот процес, се водеше постапка и пред Управниот суд.

Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Наташа Габер-Дамјановска, пак, тврдеше дека тие не се прекршени изборните правила бидејќи во случајот со постапката за тестирање не станува збор за вработувања.