Индискиот премиер Моди на средба со Путин во Русија

Моди и Путин на средба во Узбекистан, 2022 г.

Индискиот премиер Нарендра Моди се очекува да се сретне со претседателот на Русија Владимир Путин во Москва на 8 јули што е негова прва посета на Кремљ откако Путин нареди целосна инвазија на Украина пред повеќе од две години.

Моди, наводно, веќе пристигнал во Русија порано во текот на денот. Москва е неговата прва станица на тридневна турнеја во рамки на која ќе ја посети и Австрија.

На платформата Икс, индискиот премиер наведе дека „овие посети ќе бидат прекрасна можност за продлабочување на врските со овие нации“.

Кремљ соопшти дека разговорите ќе бидат на теми поврзани со „перспективите за понатамошниот развој на традиционално пријателските руско-индиски односи, како и актуелните прашања од меѓународната и регионалната агенда“.

Видете и ова: Моди положи заклетва за трет мандат како премиер на Индија

Откако беа воведени санкции од Западот кон Русија, Индија се наметна како растечки трговски партнер на Москва, особено во набавката на руска нафта заедно со Кина.

За разлика од неговите западни партнери, Моди избегнува целосно да ја обвини Русија за инвазијата во Украина или да ги осуди постапките на Москва.

Наместо тоа, Њу Делхи ја истакнува својата желба за мирен крај на конфликтот.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека Путин и Моди ќе се сретнат „со слободна агенда“, тет-а-тет.

За посетата Ројтерс цитираше висок индиски функционер кој минатата недела изјави дека главните приоритети на Моди ќе бидат решавање на растечкиот трговски дисбаланс со Русија и продолжување на ослободувањето на индиските државјани кои навидум биле измамени да се борат за Русија во Украина.