Новиот британски премиер ја поништи одлуката за депортирање мигранти во Руанда

Премиерот на Обединетото Кралство Кир Стармер

Новиот премиер на Обединетото Кралство Кир Стармер изјави дека контроверзната мерка за депортирање мигранти и баратели на работа, воведена од претходната конзервативна влада е „мртва и закопана“.

Конзервативците на поранешниот премиер Риши Сунак објавија план вреден повеќе милиони фунти за испраќање мигранти и баратели на азил во Руанда.

Сунак и неговите министри најавија дека првите депортации во таа африканска земја ќе започнат во јули.

Новиот лабуристички премиер рече дека „не е подготвен да ги продолжи овие трикови“ и потврди дека мерката се укинува, пишува Ројтерс.

Лабуристите уште пред изборите ветија дека ќе се откажат од планот „на првиот ден“ по преземањето на власта.

Видете и ова: Британскиот премиер го назначи кабинетот, Ривс е прва министерка за финансии

На првата прес-конференција откако влезе во Даунинг стрит, Стармер рече дека „планот за Руанда е мртов и закопан уште пред да започне“.

„Погледнете ги бројките на оние кои дојдоа во првите шест и пол месеци од оваа година, тие се рекордни, тоа е проблем што го наследивме“, посочи Стармер и додаде дека мерката со Руанда не може да биде решение за тоа прашање. .

Тој најави дека ќе го намали бројот на пристигнувања во Обединетото Кралство со ангажирање специјални истражители и капацитети за борба против тероризмот за да ги запрат криминалните групи кои стојат зад приливот на мигранти на островот.

Како точно ќе функционира и колку ќе чини откажувањето од планот со Руанда се уште не е јасно.

Претседателот на Руанда, Пол Кагаме, претходно оваа година навести дека британските даночни обврзници ќе мора да го надоместат пропаѓањето на договорот.

Портпаролката на Кагаме, Јоланд Маколо, подоцна изјави дека Руанда „нема обврска“ да ги врати средствата, но доколку Лондон го побара тоа „ќе го разгледаат“, но само мал дел од вкупната сума.