Од следната година матурантите ќе полагаат со блокатори

илустрација

Просечната оценка која ја постигнаа средношколците на државната матура годинава е 3,25. Споредбено со минатите години, постои намалување (3,65 во 2023 година, 3,78 во 2022 година и 3,61 во 2021 година) кое, според Државниот испитен центар како надлежна институција за спроведување на процесот било резултат на преземените заострените мерки при полагањето.

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, за следната година најави две новини кои ќе помогнат за подобра организација на полагањето на државната матура и како што рече, тоа ќе биде обид да нема препишувања и други противзаконски, неетички и неморални дејства и на учениците и на тестаторите и набљудувачи.

„Ќе инсистирам полагањето на Државната матура да се реализира во амфитеатрите и други простории на јавните факултети каде има блокатори и друга технологија која ќе оневозможи користење на комуникациски уреди за време на полагањето, затоа што најчесто, поединечни и масовни препишувања се случуваат преку примена на мобилни телефони и други уреди на кои има инсталирани апликации за комуницирање“, истакна Јаневска.

Втората мерка се однесува на измена на правилниците за полагање државна матура, од аспект на подигнување на одговорностите на лицата кои се вклучени во процесот.

„Мора да постојат санкции за набљудувачите, тестаторите и за сите они ги делат просториите со учениците што полагаат, а прават пропусти и жаргонски кажано – замижуваат пред некоректни активности од страна на учениците“, додаде министерката.

Видете и ова: Матура во холови и спортски сали за да нема препишување

Вкупно 14 834 пријавени кандидати, на 1 јуни го полагале задолжителниот екстерен испит по мајчин јазик, додека на 8 јуни се полагаше изборниот предмет, а тестирањето се спроведе во холовите и спортските сали на училиштата, заради поголема прегледност и контрола на набљудувачите над учениците.

Директорката на Државниот испитен центар Билјана Михајловска информираше дека биле откриени 49 ученици кои за време на решавањето на тестовите користеле мобилен телефон, додека 4 ученици биле фатени како препишуваат решенија по претходно добиени одговори на поставените прашања. При оценувањето на тестовите, оценувачите детектирале 175 ученици кои препишувале на тестовите, како и 22 плагијати. На 268 ученици на кои им била изречена мерката поништување на испитот ќе можат повторно да полагаат во августовскиот испитен рок.