Во Иран денеска (5 јули) се одржува вториот круг од претседателските избори, на кој ќе се соочат тврдокорниот Саид Џалили и реформистот Масуд Пезешкијан.
Вториот круг се одржува откако во првиот ниту еден од кандидатите не обезбеди повеќе од 50 отсто од гласовите. Пезешкијан освои околу 42,5 отсто од гласовите, а Џалили 38,7 отсто.
Околу 61 милион луѓе имаат право да гласаат за наследник на претседателот Ебрахим Раиси, кој загина во хеликоптерска несреќа во мај.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Зошто претседателските избори во Иран се поважни од минатите гласања?
Моќта во Иран е во рацете на врховниот лидер, ајатолахот Хамнеи, кој делува како шеф на државата и го има последниот збор за сите стратешки прашања, а исто така е и врховен командант на вооружените сили на Иран, додека претседател е втор во структурата на власта во Иран.
Изборите беа распишани откако претседателот Ебрахим Раиси загина во хеликоптерска несреќа во мај. Поранешниот претседател Раиси, министерот за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолахиан и неколку други функционери на Иран загинаа на 19 мај кога хеликоптерот со кој патуваа се урна во лоши временски услови во планинска област во близина на границата со Азербејџан.
Инаку според прописите, секоја содржина за која се смета дека има за цел да ја обесхрабри излезноста на гласачите или да промовира бојкот на изборите, како и да организира каква било форма на нелегални протестни собири, штрајкови или демонстрации, сега е класифицирана како „криминална“.