Владата и Собранието имаат легитимно право и уставно овластување ако увидат слабости да пристапат кон измени и дополнување на одредени законски решенија, вели претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски во однос на најавените реформи на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.
„Сосема е легитимно органите кои имаат уставно овластување и уставна надлежност, како што е Владата, Собранието да ги нормираат општествените односи или веќе нормираните општествени односи, ако увидат слабости да пристапат кон измени и дополнување на одредени законски решенија. Тоа е легитимно право и уставно овластување на тие органи, изјави Костадиновски, во гостувањето на Националниот сервис МРТ.
Прашан за негов став за предлогот за распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, Костадиновски посочи дека не е надлежност на Уставниот суд да ја цени целисходноста на нивната намера, туку, дали тоа е во согласност со Уставот.
„Ако проценат дали во оваа област или во која било друга област дека има потреба од измени и промени да биде во согласност со Уставот. Примарна работа на секој еден граѓанин и секоја една институција во оваа држава е да го почитува Уставот. Тоа важи за мене, тоа важи за вас, за Владата и за Собранието. Од исклучителна важност за правната држава е било какво законско решение да биде во согласност со Уставот“, изјави Костадиновски.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска на 4 јули изјави дека е подготвен да разговара со експерти, но и со амбасадорите за најавената реформа поврзана со Судскиот совет и со Советот на јавни обвинители. Изјавата на Мицкоски следува откако дел од амбасадорите вчера искажаа забелешки за најавата за нивно распуштање.
„Подготвен сум цел ден да седнеме, да разговараме, да работиме додека не најдеме решение како да биде подобро, само да не биде како досега. Затоа што како што е досега, не е добро“, рече Мицкоски.
Видете и ова: Гир:Најавеното распуштање на Судскиот совет и Советот на обвинители е директно мешање во судската властЗборувајќи за вчерашните изјави на дел од амбасадорите, Мицкоски рече дека ја слушнал таа изјава, но и дека за политиките на оваа коалиција гласале 600.000 граѓани.
Тој рече дека станало пракса амбасадорите да се мешаат во внатрешните работи во државата, но напомена дека е подготвен да разговара со нив и доколку тоа решение е подобро, веднаш ќе го прифати и примени.
Претходно евроамбасадорот Дејвид Гир изјави дека најавеното распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители е дикретно мешање во независноста на судската власт.
Американската амбасадорка Анџела Агелер, пак, смета дека Судскиот совет треба да ги казнува оние коишто се сметаат над законот.