Мицкоски: Стана практика амбасадорите да се мешаат, но подготвен сум да разговараме

Христијан Мицкоски, премиер на РСМ

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека е подготвен да разговара со експерти, но и со амбасадорите за најавената реформа поврзана со Судскиот совет и со Советот на јавни обвинители. Неговата изјава селедува откако дел од амбасадорите вчера искажаа забелешки за најавата за нивно распуштање.

„Подготвен сум цел ден да седнеме, да разговараме, да работиме додека не најдеме решение како да биде подобро, само да не биде како досега. Затоа што како што е досега, не е добро“, рече Мицкоски во изјава за медиумите дадена при денешната посета на Гевгелија.

Зборувајќи за вчерашните изјави на дел од амбасадорите, Мицкоски рече дека ја слушнал таа изјава, но и дека за политиките на оваа коалиција гласале 600.000 граѓани.

„Некако стана пракса амбасадорите да се мешаат во внатрешните работи во државата. Во ред, и да е така, 600.000 граѓани гласаа за оваа коалиција. Очигледно тоа за нив не значи ништо и за политиките на оваа Влада. Истовремено тие велат дека е катастрофална состојбата со владеењето на правото, во нивните извештаи велат дека цвета криминалот и корупцијата, довербата во Судскиот совет и во Советот на јавни обвинители е на два-три проценти кај граѓаните, рече Мицкоски.

Видете и ова: Агелер: Судски совет треба да ги казнува оние кои мислат дека се над законот

Премиерот додаде дека е подготвен да разговара со нив и доколку тоа решение е подобро, веднаш ќе го прифати и примени.

„Видете кои се членови на Судскиот совет и се ви е јасно. Сите бевме сведоци на сите оние драмолетки коишто се случуваа изминатиов период, а поврзани со Судскиот совет, со Советот на јавните обвинители“, рече Мицкоски.

Инаку евроамбасадорот Дејвид Гир на вчерашната конференција за напредокот во спроведувањето на препораките од Оценската мисија на ЕУ од страна на Судскиот совет, изјави дека најавеното распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители е дикретно мешање во независноста на судската власт.

Американската амбасадорка Анџела Агелер смета дека Судскиот совет треба да ги казнува оние коишто се сметаат над законот, а холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп повтори дека довербата на македонските граѓани во правосудството е алармантно ниска.