ДУИ загрижени поради новите директори на ФЗО

Лидерот на ДУИ Али Ахмети, архивска фотографија

Опозициската ДУИ изрази длабока загриженост во однос на владината одлука за именување на два директора во Фондот за здравствено осигурување кои се од македонска етичка припадност. На вчерашната владина седница беше донесена одлука со која за времен вршител на фунцијата директор на Фондот за здравствено осигурување, е назначен Сашо Клековски. Негов заменик е Бранко Аџигогов. Досегашните директори Магдалена Филиповска Грашкоска и Асаф Абдурамани на денешната средба во ФЗО им ја предадоа должноста на новите в.д директори.

Според опозициската ДУИ, оваа одлука претставува систематски обид за отстранување на Албанците од најчувствителните и витални институции на државата, создавајќи опасен преседан за нивно исклучување од процесите на донесување одлуки на државно ниво.

„Овој чин е во целосна спротивност со духот на Охридскиот договор и заштитните механизми за еднаква претставеност на сите етнички заедници. Ние веруваме дека отстранувањето на Албанците од клучните институции не е само неправда кон нашата заедница, туку и закана за стабилноста и меѓуетничката хармонија во Северна Македонија“, се вели во реакцијата на ДУИ.

Видете и ова: Државата си плаќа „казни“ за непотрошени кредити


Претходно, на 28 јуни, ДУИ изрази „неверување и длабока загриженост“ за одлуката на власта да го промени фунционирањето на „балансерот“ со измена на пресметкат за правичната застапеност во институциите.

ДУИ обвинува дека оваа Влада врши директен напад на принципот на правична застапеност, еден од главните столбови на Охридскиот договор.

Според Рамковниот договор потпишан во Охрид во 2001 година, со кој се стави крај на конфликтот во Македонија меѓу припадниците на Ослободителната народна армија-ОНА и македонските вооружени сили, една од главните промени беше вработувањето по етнички клуч во јавната администрација.