Најмалку тројца загинати и 18 повредени во руски напад на Дњепар

илустрација

Најмалку три лица загинале во руски ракетен напад и напад со дронови врз градот Дњепар во централна Украина, изјави во среда (3 јули) регионалниот гувернер Сергеј Лисак. Тој додаде дека во нападот биле ранети 18 лица.

„Непријателот продолжува со подмолните напади. Испрати ракети и дронови. За жал, тоа не беше без последици. Три лица загинаа“, напиша Лисак на социјалните мрежи.

Официјалниот претставник кој го постави Москва во областа Херсон во Украина, контролирана од Русија, изјави дека двајца цивили загинале во напад на украинско беспилотно летало што погодило пекара.

Видете и ова: По руските напади, Зеленски бара повеќе системи за противвоздушна одбрана

Во средата, руските сили продолжија со артилериските напади во украинскиот регион Запорожје, каде што еден човек бил ранет, а 14 куќи биле уништени.

Неколку дена претходно седум цивили беа убиени во рускиот напад врз градот Вилњанск во Запорожје.

Руското Министерство за одбрана во среда објави дека соборило 10 украински беспилотни летала над регионите Белгород, Брјанск и Москва, јави украинскиот сервис на Радио Слободна Европа.

Министерството додаде дека потонале два дрода без екипаж кои се движеле кон Новоросијск во Црното Море.